ГРАДОНАЧАЛНИКОТ МЕРКО ВЕТУВА ДЕКА НЕМА ШАНСИ ДА СЕ ГРАДИ КАЈ ЗАПАЛЕНАТА ТРСКА ВО СТРУГА

    ГРАДОНАЧАЛНИКОТ МЕРКО ВЕТУВА ДЕКА НЕМА ШАНСИ ДА СЕ ГРАДИ КАЈ ЗАПАЛЕНАТА ТРСКА ВО СТРУГАУште никој не е фатен ни казнет по последните два пожара од запалена трска на струшкото крајбрежје пред 20-на дена. (Фото: Принтскрин од видео)

    По неколкуте палења на трската на струшкото крајбрежје на потегот од излезот на Струга кон селото Калишта за само два месеца, стружани стравуваат дека на ваквите локации ќе никнат нови нелегални градби. Велат дека со градежна механизација се насипува и рамни опожареното место со шут и земја. Биолозите алармираа дека уништувањето на трската и бетонизацијата значи и опасност за целокупниот биодиверзитет во езерото. Градоначалникот Рамиз Мерко ветува дека „нема да има никакви градби, нема тампонирање на земјиште, сè е шпекулација“

    „Ние сме против палење на трската, можеме да апелираме да не се прави тоа. Ние не сме ни полиција ни обвинителство ни инспектори за да го спречиме тоа. Шпекулација е дека се пали за да се гради. Нема шанса некој да гради во тој дел каде е јавен имот. Шпекулација е дека ќе издадеме одобренија за хотели и други градби. Има приватен имот таму, но тој треба да се урбанизира и да се добијат сите позитивни мислења. Не може да се гради на диво“, тврди Мерко.

    Според него, дел од земјиштето е приватно, граѓаните ги чистеле своите ниви па затоа потпалувале.
    Граѓанските здруженија бараат надлежните да ги пронајдат и казнат сторителите, но и да се спречи узурпацијата на државното земјиште од поедини моќници.

    „Ова се случува постојано, палење трска, па бетонизација, плажа, објекти. Додека се поднесуваат пријави против непознати сторители, некој пред очите на сите ќе изгради објект на самата плажа. Ваквата практика мора да престане во спротивно целото крајбрежје ќе се бетонизира“, велат граѓанските активисти.

    Од граѓанската иницијатива Охрид СОС алармираат да запре ваквиот вандализам оти, како што велат, само со последните два пожара уништени се огромни површини.

    „Попусти се апелите и реакциите ако институциите молчат или некого толерираат со децении. Свесни сте дека делот на струшкото крајбрежје е оставен на милост и немилост. Дали се трупа градежен шут и земја за да се прошири брегот, дали се пали трска, се депонира градежен отпад, се гради на самиот брег, се узурпира. Уништувањето на природното наследство никако да престане“, реагираат од Охрид СОС.

    Скоро цел месец од послените пожари, Државниот инспекторат за животна средина и инспекторите на Одделението за внатрешни работи во Струга велат дека по спроведената истрага и откривањето на сторителите ќе следат кривични пријави. Казната за загрозување на животната средина и природата со отпадни материи е затвор од три месеци до три години.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира