ГРАДОНАЧАЛНИКОТ МИ ДАДЕ ИЛЈАДАРКА ДА ГЛАСАМ ЗА ВМРО-ДПМНЕ, СВЕДОЧЕШЕ КАВАДАРЧАНЕЦОТ МЕМЕДОВ НА СУДЕЊЕТО ЗА ИЗБОРЕН ПОТКУП

    ГРАДОНАЧАЛНИКОТ МИ ДАДЕ ИЛЈАДАРКА ДА ГЛАСАМ ЗА ВМРО-ДПМНЕ, СВЕДОЧЕШЕ КАВАДАРЧАНЕЦОТ МЕМЕДОВ НА СУДЕЊЕТО ЗА ИЗБОРЕН ПОТКУПСведокот Сали Мемедов и обвинетиот градоначалник Александар Панов на денешното рочиште во Основниот суд Кавадарци. (Фото: СДК.МК)

    Кавадарчанецот Сали Мемедов денеска сведочеше дека градоначалникот Александар Панов извадил илјада денари од фиока и му ги дал за да гласа за ВМРО-ДПМНЕ на рочиштето во Основниот суд Кавадарци за постапката која што се води против кавадаречкиот градоначалник, обвинет за поткуп при избори и гласање.

    Мемедов кажа дека добил повик од кавадарчанец два дена пред изборите на 11 декември, со информација дека се делеле пари во општината. Видел народ кој влегувал и излегувал, па и самиот се качил горе на спратот кај градоначалникот. Рече дека отпрвин не знаел за што се делат пари, за тоа дознал кај градоначалникот.

    Претходно во постапката, Мемедов кажал дека на градоначалникот му рекол дека има проблеми и му побарал помош, по што ја добил илјадарката.
    „Ми рече треба да си помагаме и од бирото извади и ни даде по илјада денари мене и на уште две други жени кои беа во канцеларијата на општината, но јас не ги познавам”, го потврди тој тоа што и претходно го имал кажано.

    Сведокот Љупчо Кабранов сведочеше дека дента бил во општинската зграда во врска со некои измени кои требало да се направат од СДСМ, а во врска со изборите. Видел многу раздвиженост во општинската зграда, но и луѓе кои се движеле кон неа. Неформално, некои од нив кажале дека добиле пари за гласање. Активисти на неговата партија кои исто така случајно се нашле во близина, им велеле, не одете, не се продавајте за пари. Кога се вратил во просториите на партијата и други активисти известувале дека се делеле пари. Случајот бил пријавен во полиција.

    „Воопшто не се чувствувам виновен, не сум го сторил делото“, рече градоначалникот.
    Тој кажа дека вообичаено како градоначалник во името на општината носел одлуки за помош на сограѓани според закон и исплата на сметка. Но, и како човек знаел да помогне на улица ако сретне некој на кого му е потреба помош, издвојувајќи од сопствениот џеб.

    Рече и дека дента бил во кабинетот и решавал тековни работи. Бил известен дека има поголемо присуство на лица. Ги отстранил оние кои биле дојдени бидејќи некој им рекол дека се делат пари, а поразговарал само со Мемедов кој рекол дека жена му е болна и со две жени, кои барале помош оти мажот на едната бил во затвор. Но, нагласи дека не им дал пари.

    „Имаше и други групи и погледнав низ прозорецот и видов дека има активисти на СДСМ кои го менаџираа целиот процес. Затоа одлучив да ја напуштам мојата канцеларија” рече градоначалникот според кој, целиот случај имал политичка позадина.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира