ГРАДОНАЧАЛНИКОТ НА ОХРИД ГИ ЗАМОЛИ ПОСЕТИТЕЛИТЕ И ИНСПЕКТОРИТЕ ДА ГИ СПРОВЕДУВААТ МЕРКИТЕ НА ЗАШТИТА ОД КОВИД-19

    ГРАДОНАЧАЛНИКОТ НА ОХРИД ГИ ЗАМОЛИ ПОСЕТИТЕЛИТЕ И ИНСПЕКТОРИТЕ ДА ГИ СПРОВЕДУВААТ МЕРКИТЕ НА ЗАШТИТА ОД КОВИД-19Околу 5.000 гости од земјава дојдоа во Охрид за продолжениот карантински викенд, најголемиот дел од нив сместени во викенд-станови, апартмани и куќи кои ги издаваат охриѓани. (Фото: К. Сејфула)

    Градоначалникот на Охрид Константин Георгиески на својата фејсбук страница апелира до сите посетители кои во моментот се во градот, да ги почитуваат сите мерки за заштита и превенција од КОВИД-19, а инспекторите ги замоли за засилена контрола.

    Околу 5.000 гости од земјава дојдоа во Охрид за продолжениот карантински викенд, најголемиот дел од нив сместени во викенд-станови, апартмани и куќи кои ги издаваат охриѓани.

    Заради заштита од ширење на коронавирусот, во Скопје, Куманово и Тетово во тек е тридневниот полициски час кој почна во петокот во 21 часот и ќе трае до понеделник во 5. Во Охрид, каде полицискиот час викендов е секој ден од 16 до 5 часот, досега има 25 заболени од корнавирус, а вчера беше регистриран еден новозаболен.

    „Поради карантинските мерки кои се активни во неколку градови во државата, во текот на вчерашниот ден во Охрид пристигнаа голем број гости. Затоа, апелирам да се носат заштитни маски, да се одржува потребна дистанца, да се одржува лична хигиена според препораките, да не се организираат семејни собири и други друштвени групирања; да се почитува во целост полицискиот час. Упатувам апел и до трговците и угостителите, да ги почитуваат сите протоколи за работа во текот на викендот“, напиша Георгиески.

    Георгиески апелира и до инспекциските служби да ги засилат контролите на терен.

    „Упатувам апел до надлежните инспекторати да ги засилат теренските контроли на угостителските објекти, на трговските објекти и на сместувачките капацитети, со цел да се почитуваат протоколите и да се превенираат несакани последици“, објави градоначалникот Георгиески.

    Општинскиот кризен штаб на Охрид постојано се координира, се спроведуваат сите тековни активности кои се предвидени во локалниот оперативен план за делување. Исто така, постојано се реализираат вонредни мерки за дезинфекција и миење на улиците и јавните површини во градот.

    Во земјава вчера беа регистрирани рекордни 180 новозаболени од коронавирус, од кои 109 во Скопје.

    Д. ЧУБРИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира