ГРАДОНАЧАЛНИКОТ НА ОПШТИНА ЈЕГУНОВЦЕ ДОБИ ПРЕКРШОЧНА ПРИЈАВА ЗА НАПАД, ТОЈ ВЕЛИ СПРЕЧИЛ ФАЛСИФИКУВАЊЕ ДОКУМЕНТИ

    ГРАДОНАЧАЛНИКОТ НА ОПШТИНА ЈЕГУНОВЦЕ ДОБИ ПРЕКРШОЧНА ПРИЈАВА ЗА НАПАД, ТОЈ ВЕЛИ СПРЕЧИЛ ФАЛСИФИКУВАЊЕ ДОКУМЕНТИПријава доби и биснисменот кој по расправијата му се заканувал и го навредувал градоначалникот на Општина Јегуновце. (Фото: СДК.МК)

    Секторот за внатрешни работи Тетово до Основниот суд Тетово поднел барање за поведување прекршочна постапка за градоначалникот на Општина Јегуновце Димитар Костадиновски, за расправија со бизнисмен кој било повикан да дојде во Општината поради нерасчистени должничко-доверителни односи. Пријава доби и бизнисменот кој по расправијата му се заканувал и го навредувал градоначалникот.

    „Според пријавеното, тој на 5 јануари годинава околу 11 часот и 30 минути, во Архивата на општинскиот објект, најпрво вербално се расправал со М. М. (69) од Скопје, управител на приватна фирма, му ги зел, му ги стуткал и фрлил документите на една од масите и го истуркал од просторијата. М.М. претходно бил повикан од службено лице на општината да достави фактури за претходно извршени услуги за општината, односно поради нерасчистени должничко-доверителни односи. Секторот за внатрешни работи Тетово изготви и до Основниот суд Тетово поднесе, исто така, барање за поведување прекршочна постапка и за М. М. (69) од Скопје кој, според пријавеното, го навредувал и му се заканувал на Д. К. (44), откако тој му ги стуткал и фрлил документите и го истуркал од општинската Архива“, се вели во соопштението на СВР Тетово.

    За овој настан, на фејсбук страната на Општина Јегуновце  соопштение даде и градоначалникот Костадиновски.

    „Вчера во 11:30 часот, во просториите на Општина Јегуновце, поточно пред архивата, додека поминував слушнав арогантен однос спрема архиварката од лице кое инсистира да направи фалсификување на документи односно да повлече фактури од 17.09.2021 и да внесе нови изменети фактури со ист датум. Лицето кое ѝ се закануваше на архиварката е управител на фирма за електроматеријали кој 2 месеци се обидува преку архивата да антидатира 4 договори и 4 фактури односно да ги внесе во деловодникот. Најучтиво му укажав дека обидите за фалсификување нема да ги дозволам и доколку се чувствува оштетен слободно да поведе судски спор. Управителот на фирмата се нафрли на мене и со најпогрдни зборови и пред архиварката и уште една вработена, ме омаловажуваше и ми се закануваше. Се воздржав од било каква конфронтација и го замолив да ја напушти општинската зграда и дека пети пат му укажувам дека за неговото побарување е избегната тендерска постапка за набавка на сијалици за улично осветлување, дека и покрај тоа што на тендер е избрана друга фирма за електроматеријали, неговата фирма без заведен договор за набавка и без заведени фактури, бара исплата на 4 000 евра односно 4 фактури по 60 000 +ддв, за заменети 6 сијалици за улично осветлување во центарот на с. Јегуновце и 19 сијалици во приватен имот“, вели меѓу другото градоначалникот Костадиновски во објавата на фејсбук.

    Тој исто така обвинува дека после направениот увид, полицијата започнала со притисоци врз вработени да даваат лажни изјави во врска со инцидентот и дека во полицискиот записник наместо лажно пријавување и омаловажување кон него, било внесено дека тој извршил вербален напад врз управителот на фирмата.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира