Градоначалникот на Струмица Коста Јаневски рече дека изминативе денови и усно и писмено побарал од менаџментот на струмичкото јавно претпријатие „Комуналец“ да го раскине договорот со струмичката фирма „Дасмак“ за собирање смет, вреден 1,2 милиони евра за период од една година. „Комуналец“ минатата недела склучи договор со приватна фирма за собирање смет оти возниот парк им е истрошен, а зголемен е обемот на работа, бидејки ова јавно претпријатие годинава почна со организирано собирање на отпадот по сите населени места.
„Веднаш штом дознав за овој договор реагирав кај ЈП ‘Комуналец’, ја изразив мојата уверност дека ваквиот начин на решавање на проблемот не е соодветен и дека ваквиот договор треба да се поништи. Сигурен сум дека има подобри решенија за решавање на овој наш проблем. Тоа го направив и усно уште на почетокот на работната недела и со писмен допис испратен до менаџментот на ‘Комуналец’, и очекувам во најкраток можен рок да го поништат овој договор и да бараме други решенија на проблемот за собирање на смет во општина Струмица“, рече градоначалникот Јаневски.
„Комуналец“ пред десетина дена склучи договор со „Дасмак“, а директоротЗоран Ѓоргиев рече дека економскиот оператор ќе се ангажира по потреба, што не мора да значи дека ќе му бидат исплатени сите пари, туку според учинокот односно ангажираните денови кога ке го собира и транспортира отпадот до депонијата Шапкар.
В. ТРАЈКОВ