ГРАЃАНИ ПРОПУШТААТ ТЕРМИН ЗА ВАДЕЊЕ ЛИЧНИ ДОКУМЕНТИ ОТИ МОРА ДА ОДНЕСАТ УВЕРЕНИЕ ОД ГРАД СКОПЈЕ ЗА ИМЕТО НА УЛИЦАТА КОЕ ГО ЧЕКААТ СО ДЕНОВИ

    ГРАЃАНИ ПРОПУШТААТ ТЕРМИН ЗА ВАДЕЊЕ ЛИЧНИ ДОКУМЕНТИ ОТИ МОРА ДА ОДНЕСАТ УВЕРЕНИЕ ОД ГРАД СКОПЈЕ ЗА ИМЕТО НА УЛИЦАТА КОЕ ГО ЧЕКААТ СО ДЕНОВИЗа да го извадат уверението од Градот граѓаните мора да приложат имотен лист не постар од 6 месеци кој чини 250 денари и да платат такса 50 денари.(Фото: К.Попов)

    Граѓани не можат во закажаниот термин да извадат нов пасош, лична карта или возачка дозвола оти потребно е да приложат уверение од Град Скопје за името на улицата. Граѓани кои се јавија во нашата редакција велат дека отишле во полициската станица „Беко“ да извадат нов пасош, но им било речено дека мора да донесат уверение од Град Скопје бидејќи името на улицата било сменето.

    За да го извадат уверението од Градот граѓаните мора да приложат имотен лист не постар од 6 месеци кој чини 250 денари и да платат такса 50 денари. Притоа уверението не се издава веднаш на шалтерите во барака 16, туку се чека од 5 до 10 дена.

    „Од каде да знам јас дека мојата улица е сменета и дека треба за тоа да вадам уверение. Зошто тие податоци по службена должност да се испратат од Град Скопје до МВР. Цел ден одиме од едно место на друго за да се соберат документите и на шалтерот на Градот ни велат дека ќе ни стигне смс порака кога да го подигнеме. Има граѓани кои имаат закажано итна постапка за вадење пасош поради патување, но џабе не можат да го добијат нов пасош оти го чекаат документот од Градот.Возрасни луѓе се малтретираат од шалтер на шалтер, а никој не дал никакво известување за да знаеме пред да закажеме термин да ги извадиме потребното уверение“, вели жителка од општина Ѓорче Петров.

    Од МВР велат дека со одлука на Град Скопје променети се имињата на скопски улици, при што се селектирани 185 нови улици за кои е потребно Уверение од Град Скопје со цел утврдување на моменталната состојба со името на улицата со цел надминување на проблемите кои биле воочени веднаш по примената на имињата на новите улици.

    „Министерството за внатрешни работи не беше консултирано од Град Скопје пред и кога била донесена одлука за промена на имињата на улиците, но има обврска веќе донесената одлука да ја спроведе. Граѓаните кои имаат закажан термин, а немаат уверение од Град Скопје не е потребно да закажуваат нов термин, бидејќи ќе бидат услужени. За семејство кое има 4 членови потребно е да се достави само една потврда, не е потребно поединечно да се достави посебна потврда за секој член“, велат од МВР.

    Од Град Скопје велат дека барање за издавање на уверение за точна адреса е составен дел на управна постапка, согласно тоа и согласно член 93 од Законот за општа управна постапка, управната постапка во прв степен, поведена по барање, се издава најдоцна во рок од 30 дена од денот на нејзиното поднесување.

    „Имајќи го предвид карактерот на документот, од страна на Секторот за Комунални работи при Град Скопје, истото се изготвува за 3 до 5 работни дена, а доколку треба дополнителна документација или увид на лице место рокот може да се пролонгира“, велат од Град Скопје.

    Имињата на улиците во Скопје прво беа сменети во времето на ексградоначалникот Коце Трајановски. Со доаѓањето на функција на Петре Шилегов беа вратени старите имиња на улиците, а дел од улиците добија и нови имиња.

    Листата со нови имиња може да се види на следниов линк.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира