Холандскиот амбасадор Ваутер Пломп ги повика младите да не гласаат за партиите кои им вршат притисоци, туку да гласаат по сопствено убедување на денешната дебата во Куманово „Македонија и ЕУ во предизборниот процес“. Младите од Куманово му се пожалија на амбасадорот дека се гневни поради политичката состојба во држава и дека постојано под притисок од политичките партии за кого да гласаат.
„Најбитната порака е дека граѓаните треба да гласаат, бидејќи нивниот глас е нивната иднина. Една од работите кои што беа кажани денеска беше загриженоста заради нерегуларностите во изборниот процес кои што биле во минатото, но тука е Специјалното јавно обвинителсто кое треба да ги расчисти овие сомневања. Во случај да има пак нерегуларности и притисоци ги охрабрив сите да ги пријават во надлежните институции“, им одговори Пломп.
На дебатата учествуваше и заменик Народниот правобранител Насер Вејсели, кој, исто така, им порача на младите да не потпаѓаат под притисок на политичките партии.
„Не дозволувајте да ве поткупат со еден резервоар гориво и со една телефонска картичка. Уценуваат кога ќе најдат добро тло, но не и кога некој ќе им се спротивстави. Вие младите треба да знаете за што се борите и да истраете во тоа“, порача Вејсели.
Трибината беше организирана од Центарот за интеркултурен дијалог (ЦИД) во соработка со Амбасадата на Кралството Холандија во Македонија и општина Куманово.