ГРАЃАНСКИТЕ ИНИЦИЈАТИВИ ОД УТРЕ СО ЖИВ ШТИТ ЌЕ ГО БРАНАТ ВОДНО ОД ГАСОВОДОТ

    ГРАЃАНСКИТЕ ИНИЦИЈАТИВИ ОД УТРЕ СО ЖИВ ШТИТ ЌЕ ГО БРАНАТ ВОДНО ОД ГАСОВОДОТ„Ако сакаме да спречиме уште еден масакр и тоа најтежок до сега, после сите кули, патишта, градови на Водно и во име на подобра иднина за сите, од утре па сè додека лудилото не запре ќе го браниме Водно“, напишаа на својата фејсбук страна од иницијативата „Го сакам Водно“ (Фото: Фејсбук)

    Граѓанските иницијативи со жив штит ќе го бранат Водно од изградбата на гасоводот. Граѓанската иницијатива „Го сакам Водно“ ги повика граѓаните од утре да им се придружат во одбраната на Водно бидејќи, како што велат, Владата не отстапува од планот градежните работи за гасоводот да се одвиваат по јужната страна на планината. За нив е неприфатлива и новата изменета траса со која, како што велат од Владата, се намaлува зеленилото кое ќе се уништи.

    „Дојде време Водно да се брани на терен. Дојде време кога сите сме му потребни на Водно. Друго нема. Владата одобрува градење, багерите ќе работат. Ако сакаме да спречиме уште еден масакр и тоа најтежок до сега, после сите кули, патишта, градови на Водно и во име на подобра иднина за сите, од утре па сè  додека лудилото не запре, ќе го браниме Водно“, напишаа на својата фејсбук страна од иницијативата „Го сакам Водно“.

    Трасата на гасоводот е предвидени да минува од јужната страна во парк-шумата, поточно од Сопиште кон врвот на Водно, паралелно со пешачката патека кон бункерите минува низ шума, до Бел Камен, од каде што се спушта кон селото Шишево.

    Од граѓаниските иницијативи сметаат дека е потребно да се направи нова студија, оти во документите и одобренијата кои ги има Македонски енергетски ресурси (МЕР) не е специфицирано влијанието врз животната средина во заштитено подрачје, ниту колку дрвја ќе се исечат.

    Од Владата вчера соопштија дека на Водно сега нема градежни активности туку подготовки за препроектирање на траса со која се намалува опфатот на зеленило кое ќе биде исечено.

    „Дефинирање целосно нова траса за овој гасовод не е можна, бидеjќи тоа ќе донесе неколкукратно поголеми проблеми и штети за државата и за граѓаните: губење време за реализација на гасоводот, правни проблеми со експропријација на земјиште, губење на заемот со исплата на дополнителни големи камати, сериозно одложување на реализација на еколошкиот проект-гасовод, и со тоа поттикнување натамошно греење со огревни дрва, наместо со гас, што ја загрозува животната средина. Гасоводот e типичен еколошки проект кој ќе има сериозно позитивен ефект за животната средина“, рекоа вчера од Владата.

    Од „Го сакам Водно“ пак, велат дека е лага оти во тек се единствено подготвителни активности за препроектирање на трасата и може да ја провери било кој со посета на Водно.

    „Целосно симнување на дел од сртот во должина од 200 метри и ширина од 25 метри не е подготвителна активност и сигурно не е потребно за препроектирање. Ако можело да се направи основен проект без копање, може и сега да се промени пак без копање“, велат од иницијатвата.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира