БЕЗ РАЗЛИКА ДАЛИ СЕ РАБОТИ ПО НОВАТА ИЛИ СТАРАТА ТРАСА, БАГЕРИТЕ ДА ПРЕСТАНАТ СО УНИШТУВАЊЕ НА ВОДНО, ПОБАРАА ОД ИНИЦИЈАТИВАТА „ГО САКАМ ВОДНО“

    БЕЗ РАЗЛИКА ДАЛИ СЕ РАБОТИ ПО НОВАТА ИЛИ СТАРАТА ТРАСА, БАГЕРИТЕ ДА ПРЕСТАНАТ СО УНИШТУВАЊЕ НА ВОДНО, ПОБАРАА ОД ИНИЦИЈАТИВАТА „ГО САКАМ ВОДНО“„Од она што го видовме на терен не изгледа дека се работи по новата траса, 200 метри од сртот се срамнети“, велат од граѓанската иницијатива „Го сакам Водно“ (Фото: Фејсбук)

    Багерите веднаш да се отстранат од Водно и Владата да направи сè што може да се стопира одобрението за градба со кое се уништува зеленило во заштитеното подрачје на парк шумата, рекоа денеска на прес-конференција од граѓанската иницијатива „Го сакам Водно“. Во петокот, на сртот на Водно градежна механизација ангажирана од Македонски енергетски ресурси (МЕР) повторно почна со работа за изградба на гасоводот.

    Трасата на гасоводот е предвидени да минува од јужната страна во парк-шумата, поточно од Сопиште кон врвот на Водно, паралелно со пешачката патека кон бункерите минува низ шума, до Бел Камен, од каде што се спушта кон селото Шишево.

    Од иницијативата „Го сакам Водно“ велат дека иако тие преговарале со Владата и МЕР се изненадени од повторниот почеток на градежните работи оти не биле информирани ниту им било кажано дека е донесена каква било одлука.

    „Имавме две средби со претставници на Владата односно со вицепремиерот Кочо Анѓушев, при што заедно бевме на Водно и му кажавме дека нема да дозволиме да се гради на Водно. Тој ни рече дека ќе го пренесе ставот до Владата и ќе бидеме информирани. Пред неколку дена, прочитавме изјава од МЕР дека ќе продолжат со работа. Било да се работи по страната или новата траса која ја предложија од Владата со која точно се сече помалку зеленило, тоа не може да се прави без да има студија за влијанието врз животата средина. Исто така, кога се врши измена на проектот потребна е нова градежна дозвола. Од она што го видовме на терен не изгледа дека се работи по новата траса, 200 метри од сртот се срамнети“, рече Татјана Стојановска од иницијативата „Го Сакам Водно“.

    Да се стопираат градежните работи додека не се изработи студија за влијанието врз животната средина во заштитено подрачје, побаараа од Владата и МЕР претставниците на иницијативата „Го сакам Водно“  (Фото: СДК.МК)

    Од граѓаниските иницијатива сметаат дека е потребно да се направи студија, оти во документите и одобренијата кои ги има МЕР не е специфицирано влијанието врз животната средина во заштитено подрачје, ниту колку дрвја ќе се исечат.

    „МЕР ги има обезбедено скоро сите 53 дозволи, само нема дозвола за работа во заштитено подрачје. Има и документ во кој се оценува влијание врз животна средина, но тој е изработен во 2011 година. Потребна е нова студија за оценка врз влијание врз животна средина на заштитението дел на парк шумата, а дотогаш работите да бидат стопирани. Изборот на јужната страна е поради пократно време за градба и финансискиот аспект. Според нас, не може финансискиот и временскиот аспект да се над дегредацијата на нашето природно богатсство. Мора да се направи добра анализа дали мора да минува од јужната, а дотогаш работите да бидат стопирани“, вели Стојановска.

    Владата по реакцијата на иницијативата денеска соопшти дека на Водно сега нема градежни активности туку подготовки за препроектирање на трасата.

    „Во овој момент нема градежни активности на Водно, а механизацијата е присутна на локацијата веќе четири месеци. Во тек се единствено подготвителни активности за препроектирање на трасата, со цел обезбедување нова траса со која ќе се обезбеди максимална заштита на животната средина. Во наредниотпериод планирани се активности во деловите каде не е предвидена измена на трасата, односно деловите каде нема загрозување на животна средина. МЕР АД Скопје, изработи предлог на нова траса, со која значително се намалува опфатот на дрвна маса на Водно – со новиот предлог, опфатот на интервенција врз дрвна маса се намалува од 3000 кубни метри на околу 1400 метри кубни. Дополнително, трасата се намалува од 25 на 10 метри ширина и се избегнуваат деловите каде има густа дрвна маса. Новата траса беше јавно разгледувана и дефинирана од страна на претставници на институциите. Новата траса ќе предизвика поголеми трошоци, но по таа цена ќе се обезбеди најмала можна штета врз животната средина. Како компензација на оштетената вегетација, ќе се засади нова, во неколкукратно поголеми количини, ќе се оформат нови заштитни подрачја на Водно кон Матка, а ќе се пошуми и јужната страна. Дефинирање целосно нова траса за овој гасовод не е можна, бидеjќи тоа ќе донесе неколкукратно поголеми проблеми и штети за државата и за граѓаните: губење време за реализација на гасоводот, правни проблеми со експропријација на земјиште, губење на заемот со исплата на дополнителни големи камати, сериозно одложување на реализација на еколошкиот проект-гасовод, и со тоа поттикнување натамошно греење со огревни дрва, наместо со гас, што ја загрозува животната средина. Гасоводот e типичен еколошки проект кој ќе има сериозно позитивен ефект за животната средина“, соопшти Владата.

    На 10 јули, вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев рече дека е направен нов проект за трасата на гасоводот со кој за 70 отсто е намалено оштетувањето на зеленило од првично предвиденото, откако дента заедно со директорот на Македонски енергетски ресурси (МЕР) Бајрам Реџепи и претставници од иницијативата „Го сакам Водно“  беа на Водно на локациите каде што треба да минува гасоводната мрежа.  Анѓушев рече дека гасоводот мора да се гради и дека со тоа ќе се намали бројот на домаќинства кои се грејат на дрва и најави дека невладините организации ќе бидат вклучени во текот на целиот процес.

    А. АНТЕВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира