ГРОМ ДОБИ И ЗАМЕНИК-ГРАДОНАЧАЛНИК НА СКОПЈЕ, АРСОВСКА ГО ИМЕНУВАШЕ АЛЕКСАНДАР ТРАЈАНОВСКИ

    ГРОМ ДОБИ И ЗАМЕНИК-ГРАДОНАЧАЛНИК НА СКОПЈЕ, АРСОВСКА ГО ИМЕНУВАШЕ АЛЕКСАНДАР ТРАЈАНОВСКИАрсовска денеска го именуваше Трајановски на оваа функција откако вчера оставка си даде досегашната заменик-градоначалничка Бујаре Абази од Алијанса за Албанците.(Фото: СДК.МК)

    Александар Трајановски, советник во Советот на Град Скопје од партијата ГРОМ на Стевчо Јакимовски, е нов заменик-градоначалник на Скопје. Арсовска денеска го именуваше Трајановски на оваа функција откако вчера оставка си даде досегашната заменичка-градоначалник Бујаре Абази од Алијанса за Албанците. Абази си поднесе оставка оти Арсовска за директори во „Улици и патишта“ и „Паркови и зеленило“ постави кадри на ДУИ.

    „Имајќи во предвид дека во тек е неговиот втор мандат како советник во Град Скопје, Трајановски е еден од поискусните во овој советнички состав со долгогодишно искуство во работата на локалната самоуправа и градската администрација. Неговото искуство во голем дел ќе придонесе во остварувањето на програмата ‘За модерно Скопје‘ и остварувањето на интересите на сите граѓани на Скопје“, се вели во соопштението од Град Скопје.

    Трајановски како советник влезе преку советничката листата на ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи на локалните избори ГРОМ беше коалиционен партнер на партијата. Откако Арсовска се искара со ВМРО-ДПМНЕ, Трајановски кажа дека во Советот ќе дејствува надвор од коалицијата со ВМРО-ДПМНЕ односно тој е еден од малкумината кои сега ја поддржуваат и не ја критикуваат Арсовска.

    ГРОМ доби и директорско место во ЈП „Градски паркинг“, на оваа функција Арсовска го стави секретарот на партијата Крсте Петревски.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира