ГРЦИЈА ГО ОТВОРИ ПРЕМИНОТ ЕВЗОНИ ЗА СТРАНСКИ ДРЖАВЈАНИ

    ГРЦИЈА ГО ОТВОРИ ПРЕМИНОТ ЕВЗОНИ ЗА СТРАНСКИ ДРЖАВЈАНИПретпладнево, бидејќи немаше протокол како да се пропуштаат патници, пред Евзони се создаде колона од возила со македонски и српски регистарски ознаки кои со часови чекаа влез во Грција. (Фото: СДК.МК)

    Грчките погранични служби на граничниот премин Богородица-Евзони денеска околу 14 часот ги кренаа рампите за влез на странски државјани. Според информациите, тие го добиле протоколот од грчката влада како да пропуштаат граѓани од други држави на нивна територија, со оглед дека денеска кај нив стартуваше туристичката сезона. Веста ја потврди и командирката на преминот Богородица Јасминка Аврамска.

    „Грчките колеги нè информираа дека ја добиле одлуката од Владата со што и официјално е отворен граничниот премин Евзони за проток на патници кој беше затворен цели 14 месеци, и преку истиот се пропуштаа само грчки државјани и се реализираше товарниот сообраќај“, ни рече Аврамска.

    За влез во Грција граѓаните треба да се пријават на travel.gov.gr . На овој сајт секој патник се регистрира до ден пред да влезе во земјата и да ја напушти земјата, и да даде детални информации за појдовната точка, времетраењето на претходниот престој во други земји и адресата на престојот додека е во Грција. Во случај на повеќедневен престој, треба да се наведе адресата најмалку во првите 24 часа. Треба да се достави по едно барање по семејство. Патниците ќе добијат е-порака за потврда по поднесувањето на барањето. Во пораката ќе го добијат нивниот единствен код за брз одговор (QR) на денот на закажаното пристигнување во Грција и ќе бидат известени преку е-пошта.

    Патниците треба да приложат потврда дека се целосно вакцинирани со две дози против ковид-19 или дека поседуваат негативен ПЦР тест не постар од 72 часа или пак да имаат позитивни вредности на антитела.

    Грција ги признава сите вакцини против ковид-19, а не само оние одобрени од Европската агенција за лекови (ЕМА). Според здравствените протоколи што ги усвои земјата, објавени на веб страницата на грчкото Министерство за надворешни работи, на граница ќе се признаваат и сертификатите за вакцинирање со руските и кинеските вакцини, кои сè уште не се одобрени за користење во Европска Унија. Грчките туристички власти објавија дека негативен ПЦР тест нема да се бара од туристите кои се имунизирани со вакцина на „Фајзер/Бионтек“, „Модерна“, „АстраЗенека“, „Новавакс“, „Џонсон и Џонсон“, „Синовак“, „Кансино бајолоџикс“, „Синофарм“ или „Гамалеја“ (спутник).

    Претпладнево, бидејќи немаше протокол како да се пропуштаат патници, пред Евзони се создаде колона од возила со македонски и српски регистарски ознаки кои со часови чекаа влез во Грција. По долго чекање, дел се вратија во Македонија, додека српските патници се упатија кон Бугарија.

    В. ТРАЈКОВ

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира