Тетовци покренуваат граѓанска иницијатива градот конечно да добие парк. Ако се има предвид дека под парк се подразбира зелена површина од најмалку еден хектар, тогаш Тетово е единствениот град во државата кој нема парк. Тетовци бараат изградба на парк во деловите од градот каде што сега се наоѓаат неколку индустриски објекти кои веќе не се во функција.
„Денеска, 60-ина интелектуалци од Тетово поднесовме аргументиран, рационален и издржан предлог до Советот на Општината да донесе соодветни одлуки и да го формира првиот вистински парк во нашиот град. Предвидуваме да биде формиран долж булеварот Видое Смилевски-Бато, односно на просторот познат како Жена парк, Спортски центар, Монопол и ШИК ‘Јелак‘. Ова е последниот јавен простор во градот кој е неискористен и кој 74 проценти е во државна сопственост. Сметаме дека ова му е потребно на Тетово затоа што градот тоне кога зборуваме за животната средина и за квалитетот на животот. Ова е последниот простор за градски парк, друга можност не гледаме“, изјави Дарио Сотировски, еден од иницијаторите за добивање простор за градски парк.
Идниот градски парк би зафатил делови од градските блокови 27, 29, 31 и 57, односно површина од околу 15-16 хектари.
„Според Законот за урбано зеленило, парк е сè она што има минимум еден хектар зелена површина. Ова значи дека во Тетово нема парк, бидејќи неколкуте зелени површини во градот се помали од еден хектар. Во Тетово имаме само 0,2 квадратни метри зелена површина по жител, а според законските одредби, треба да бидат девет квадратни метри. Токму затоа, потребен ни е голем исчекор. Со ваков парк би се создал еден препознатлив елемент на градот, симбол на некоја нова ера“, вели Благоја Ристовски, инженер архитект.
Општина Тетово за утре закажа јавна дебата со граѓаните околу пренамената на донесеното решение за урбанизација на блок 57. Претходното раководство на Општината донесе одлука тука, на мал простор, да се изградат четириесетина висококатници, што предизвика голем револт кај жителите.
З. АНДОНОВ