ГУЖВИ ЗА ВАКЦИНАЦИЈА ВО СТРУГА, ДИРЕКТОРОТ ЛОЖАНКОВСКИ ВЕЛИ НЕМА НИКАКВИ ПРОБЛЕМИ И ДОСЕГА СЕ ИМУНИЗИРАНИ 15.000 ГРАЃАНИ

    ГУЖВИ ЗА ВАКЦИНАЦИЈА ВО СТРУГА, ДИРЕКТОРОТ ЛОЖАНКОВСКИ ВЕЛИ НЕМА НИКАКВИ ПРОБЛЕМИ И ДОСЕГА СЕ ИМУНИЗИРАНИ 15.000 ГРАЃАНИВо Струга вакцинацијата се одвива на два пункта, а за болните и изнемоштени лица и со теренска вакцинација. (Фото: СДК.МК)

    Од 300 до 500 граѓани дневно во Струга се вакцинираат за заштита од ковид-19. Досега над 15 илјади стружани се имунизирани, половина од нив се вакцинирани со две дози. Директорот на Здравствен дом Струга Андон Ложанкоски, задоволен од одзивот на граѓаните тие пак револтирани што чекаат и по повеќе часови за да примат вакцина.

    „Чекаме од 7 часот наутро, сега завршив со вакцинацијата, чекањето е мачно“, вели еден стружанец. „Треба да има ред, подобро со повици. Треба да има две-три места за вакцинација, бидејќи имам 80 години, да чекам 3-4 часа, не е добро“, вели повозрасен стружанец.

    Според Ложанкоски гужвите се поради тоа што вакцинацијата се одвива без закажување на термини па граѓани, иако знаеле според бројчето кое го добивеле кога да дојдат, со часови седеле пред Здравствениот дом.

    „Нашиот менталитет е тој, но нема некој поголеми проблеми. Нормално некој ќе реагира така, ќе се јави некој пореволтиран граѓанин, понервозен. Инциденти досега немало. Вакцинацијата оди добро“, вели Ложанкоски.

    Во Струга вакцинацијата се одвива на два пункта, а за болните и изнемоштени лица се одвива и теренска вакцинација. На терен во Струга и околните села се вакцинирале и до 100 лица дневно.

    Болничките кревети во Модуларните болници Струга се исполнија со ковид пациенти. Од вкупно 32 хоспитализирани седум биле вакцинирани со две дози, но биле постабилни и со полесна клиничка слика. Интерното одделение, каде има дополнителни 30 кревети е спремно за прием на нови ковид пациенти.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира