И ГРАДОНАЧАЛНИКОТ КОЛЕВ Е ПРОТИВ ИЗГРАДБА НА ФАБРИКА ЗА ЦЕМЕНТ ВО ВЕЛЕШКАТА НАСЕЛБА ПРЕВАЛЕЦ

    И ГРАДОНАЧАЛНИКОТ КОЛЕВ Е ПРОТИВ ИЗГРАДБА НА ФАБРИКА ЗА ЦЕМЕНТ ВО ВЕЛЕШКАТА НАСЕЛБА ПРЕВАЛЕЦЖителите на населбите Превалец и Тунел, претходните години постојано реагираа на загадувањето кое го предизвикува фабриката за вар и каменоломот на „Техно павер“. (Фото: СДК.МК)

    Градоначалникот на Велес Марко Колев е против изградба на цементарница во градот. На почетокот на минатата година, беше најавено дека во кругот на фабриката за вар и каменоломот Превалец сопственикот „Техно павер“ планира да гради цементарница. Тие за ова ја започнале постапката преку Министерството за животна средина (МЖСПП), бидејќи тоа е инсталација со „А“ интегрирана еко дозвола. Управата за животна средина на МЖСПП до Општина Велес, согласно Законот за животна средина, доставила барање на мислење за проектот „Изградба на цементарница во кругот на каменоломот ‘Техно павер’“.

    „Министерството за животно средина ме информираше. Мојот одговор е ист како на мојот претходник, само со различно име и презиме. Не сум против инвестиции, но не на таа локација и со таа намена. На инвеститорите им кажав да отвориме дебата, да се најде соодветна локација надвор до градот. Сериозна е инвестицијата, со доста вработени. Но ‘Техно павер’ и сега први доста проблеми и во Превалец и во населба Тунел, тој можеби е најголемиот загадувач во градот. Дополнително и да се постави најсовремена опрема, како што инвеститорот уверува, граѓаните таму трпат последици од работата на сегашната инсталација и нема да прифатат“, кажа градоначалникот Марко Колев.

    Инвеститорот планирал да вложи 300 милиони долари како инвестиција за фабриката и да вработи 300 лица. Жителите на населбите Превалец и Тунел, претходните години постојано реагираа на загадувањето кое го предизвикува фабриката за вар и каменоломот, поради што Државниот инспекторат за животна средина ДИЖС) на 14 ноември 2018, издаде мерка забрана за работа на каменоломот.

    П. ПЕЧКОВ

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира