И КАЈ СКОПСКАТА ФАБРИКА „ТРЕСКА“ ЌЕ ПОЧНЕ ДА СЕ ГРАДИ, ПОДНЕСЕНИ БАРАЊА ЗА ГРАДБА НА ЗГРАДИTE КОИ БОГДАНОВИЌ ГИ НАРЕЧЕ НАПОЛИТАНКИ

    И КАЈ СКОПСКАТА ФАБРИКА „ТРЕСКА“ ЌЕ ПОЧНЕ ДА СЕ ГРАДИ, ПОДНЕСЕНИ БАРАЊА ЗА ГРАДБА НА ЗГРАДИTE КОИ БОГДАНОВИЌ ГИ НАРЕЧЕ НАПОЛИТАНКИГрадоначалникот на Општина Центар Саша Богдановиќ вели дека постапката е на почеток и дека секој инвеститор има такво право откако е укинат мораториумот;- Извадок од ДУП-от за фабрика Треска од Општина Центар.

    Инвеститори почнаа да поднесуваат барања за градба во Општина Центар и за просторот кај поранешната фабрика „Треска“. Како што дознава САКАМДАКАЖАМ.МК, досега во електронскиот систем за издавање градежни дозволи на Општината се поднесени 5 барања за градба на овој простор. Доставени се идејни проекти за изгледот на зградите кои треба да ги одобри Општината и врз основа на нив да пресмета комунали.

    Градоначалникот на Општина Центар Саша Богдановиќ за САКАМДАКАЖАМ.МК потврдува дека се поднесени барања за добивање градежна дозвола, но вели дека постапката е на почеток и дека секој инвеститор има такво право откако е укинат мораториумот. Богдановиќ не знаеше точно да ни каже колку барања се поднесени. Најпрво ни рече дека се три, а откако му рековме дека имаме информации дека се поднесени 5 барања, ни рече дека дополнително треба да провери.

    „Овде постапката е на почетокот. За просторот кај ‘Холидеј ин‘ е одобрен проектот и пресметани се комуналии бидејќи земјиштето беше чисто во целост сопственост на инвеститорите. Во овој случај дел е приватно земјиште, дел е со право на користење. Значи проектите уште не се одобрени, ниту се пресметани комуналии“, ни изјави градоначалникот Саша Богдановиќ.

    Поднесените идејни проекти за изградба на зградите на овој простор се според параметрите од Деталниот урбанистички план донесен во 2012 година од страна на ВМРО-ДПМНЕ, кој оваа власт на СДСМ  не успеа да го смени. Со планот, просторот на „Треска“ е поделен на шест градежни парцели и предвидува на нив да никнат триесетина нови згради. Се дозволува катност од приземје, 4 ката плус поткровје и приземје, 5 ката плус поткровје. Самиот градоначалник на Општина Центар Саша Богдановиќ велеше дека просторот е лошо испланиран и зградите ги нарекуваше ‘наполитанки‘.

    На нашето прашање за кои градежни парцели станува збор, дали е еден или повеќе инвеститори што сакаат да градат, што предвидува идејното решение, колку и какви ќе бидат зградите, со колкава катност и колкaв број на жители, градоначалникот Богдановиќ ни рече да испратиме прашања по електронска пошта зошто не може напамет да ги знае овие податоци и мора да провери со службите од урбанизам.

    Со почнувањето на постапката од страна на инвеститорите, Општина Центар не успеа да го спаси ниту овој простор. Откако почна постапката на измена на плановите во рамките на процесот на мораториум до неговото укинување, Општина не успеа да го смени планот. Граѓански организации и архитекти бараа за делот кај фабриката „Треска“ да се распише конкурс, односно тој да се изземе од планот и просторот одделено да се испланира и уреди. Советот на Општина Центар лани во февруари донесе одлука да се распише конкурсот, но до ден денеска тој не е распишан.

    Ниту за овој план нема суспензија која ја дозволува новиот Закон за урбанистичко планирање, што значи инвеститорите слободно можат да градат според плановите од ВМРО-ДМПНЕ за кои СДСМ вели дека се лоши и незаконски бидејќи се спротивни на ГУП-от, но не смогна сили да ги смени.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира