И СО НОВАТА ДОЗВОЛА „УСЈЕ“ ЌЕ НЀ ТРУЕ, РЕКОА НА ПРОТЕСТОТ ВО СКОПЈЕ И ПОБАРАА МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ЖИВОТНА СРЕДИНА ДА НЕ ЈА ИЗДАДЕ

    И СО НОВАТА ДОЗВОЛА „УСЈЕ“ ЌЕ НЀ ТРУЕ, РЕКОА НА ПРОТЕСТОТ ВО СКОПЈЕ И ПОБАРАА МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ЖИВОТНА СРЕДИНА ДА НЕ ЈА ИЗДАДЕМинистерот за животна средина Мухамет Хоџа на 20 јуни изјави дека новата А-интегрирана еколошка дозвола на цементарницата „УСЈЕ“ ќе биде обновена според новиот закон, кој предвидува построги стандарди за заштита на воздухот и животната средина. (Фото: К. Попов)

    „Не“ за нова дозвола по стари правила, рекоа граѓаните на денешниот протестен марш во Скопје против издавањето на нова А-интегрирана дозвола на цементарницата „Титан УСЈЕ“. Маршот почна пред Собранието, од каде демонстрантите се упатија кон Министерството за животна средина, кое треба да издаде нова дозвола на цементарницата.

    „Маршот е организиран поради сериозните недостатоци во постапката за обновување на А-интегрираната еколошка дозвола за цементарницата ‘Титан УСЈЕ’. Верзијата на барањето, која е објавена за увид, не само што не е подготвена според идните стандарди, туку содржи и помалку информации од постојната дозвола. Во документот се наведени гранични вредности за само три загадувачи, кои се идентични со оние од старата дозвола и се до осумпати повисоки од важечките стандарди во Европската Унија. Уште позагрижувачки е што целосно недостасуваат гранични вредности и обврски за мониторинг за едни од најопасните загадувачи – тешки метали, диоксини и фурани. Станува збор за супстанции со сериозни последици врз здравјето на луѓето и животната средина, а токму нивните емисии се поврзуваат со согорувањето на алтернативни горива, за кои ‘УСЈЕ‘ во новата дозвола бара зголемување на количините за употреба, без во барањето да бидат предвидени соодветни мерки за контрола и мониторинг на овие опасни загадувачи“, рекоа од граѓанската иницијатива „Стоп за УСЈЕ“.

    Министерот за животна средина Мухамет Хоџа на 20 јуни изјави дека новата А-интегрирана еколошка дозвола на цементарницата „УСЈЕ“ ќе биде обновена според новиот Закон за контрола на индустриските емисии, кој предвидува построги стандарди за заштита на воздухот и животната средина.

    Од „Титан УСЈЕ“ денеска соопштија дека во март годинава до Министерството за животна средина и просторно планирање ја поднеле апликацијата за продолжување на А-интегрираната еколошка дозвола, која е во согласност со важечките законските и подзаконските акти.

    „Компанијата строго ги почитува сите обврски што произлегуваат од важечката регулатива и останува целосно посветена на усогласување со сите идни законски решенија што ќе стапат во сила. Компанијата со големо внимание ги следи сите законски промени и во меѓународното и во домашното законодавство и континуирано инвестира во нова технологија за да може да се усогласи на регулаторните барања. Во изминатите 15 години компанијата инвестираше 29 милиони евра во модернизација и заштита на животната средина“, соопштија од компанијата.

    Од „Титан УСЈЕ“ велат дека во изминатите години компанијата инвестираше значителни средства во современи технологии и опрема за заштита на животната средина, вклучително и најсовремени системи за филтрација и независен систем за континуирано следење на емисиите.

    „Резултатите од редовните и контролните мерења потврдуваат дека сите параметри се во рамки на законски пропишаните вредности, при што дел од нив континуирано се повеќекратно пониски од максимално дозволените лимити“, додаваат од цементарницата.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира