И ЗА СМЕНА НА ВОДОВОДНА ЦЕВКА ВО БИТОЛА ТРЕБА ДОЗВОЛА ОД УПРАВАТА ЗА КУЛТУРНО НАСЛЕДСТВО, ПОСТАПКАТА ТРАЕ СО ГОДИНИ

    И ЗА СМЕНА НА ВОДОВОДНА ЦЕВКА ВО БИТОЛА ТРЕБА ДОЗВОЛА ОД УПРАВАТА ЗА КУЛТУРНО НАСЛЕДСТВО, ПОСТАПКАТА ТРАЕ СО ГОДИНИДозвола треба при целосна реконструкција на мрежата на некоја од улиците во опфатот на старото градско јадро од 109 хектари. (Фото: СДК.МК)

    Законот за старо градско јадро, со кој пред пет години над 109 хектари од Битола беа прогласени за споменичка целина, ги успорува проектите за реконструкција на вововодната мрежа зашто за интервенција неоходно е да се добие дозвола од институциите за заштита на културно наследство. Директорот на Јавното претпријатие „Водовод“ Горан Козаров вели дека за интервентно санирање на пукната цевка не им бараат дозвола, но мора да ја извадат при целосна реконструкција на мрежата на некоја од улиците во опфатот кој е голем.

    „Најголем проблем имаме со заштитата на културно наследство, со добивање дозволи. ‘Водовод’ и за тоа се подготви, за да работиме во заштитено подрачје имаме А лиценца и за изведба и за проектирање. Но, со дозволите е многу спор процес и тука на проблеми наидуваат и Општината и сите јавни претпријатија за било која измена. Пример, улицата Рузвелтова беше прв проект кој сакавме да го изработиме во 2018 година, Општината и двете јавни претпријатија, дури сега е ставен во 2021 комплетно со дозвола и ни е најавена и се потпишани договори за работа. Толку е спор и обемен тој процес на пуштање напред и назад дописи со институциите“, вели Козаров.

    Во централното градско подрачје е дел и од 13-километарската мрежа што остана со азбестни цевки. Ќе се менува преку проекти за кои зелено светло ќе треба да дадат и заштитарите на културното наследство.
    Досега, повеќе институции во градот се имаа пожалено дека Законот за старо градско јадро ги успорува проектите. Општина Битола минатата година најави дека ќе побара измени на Законот, зашто поради големиот опфат и потребните дозволи ги кочи инфраструктурните зафати. Градоначалничката Наташа Петровска тогаш изјави дека дури и за да изгребе асфалт или да изврши рехабилитација на некоја улица на Општината ѝ требаат дозволи од битолскиот Завод и музеј и од Управата за заштита на културното наследство. Тоа се зафати кои треба да се изведуваат во континуитет и не ја нарушуваат споменичната целина, а сепак, потребна е бројна документација што ја одолговлекува постапката.

    Исто така, од Здравствениот дом се имаа пожалено дека постапката за реконструкција на покривот на објектот заглави поради Законот за старо градско јадро, како и поставувањето на настрешница за возниот парк за да бидат заштитени возилата на Брзата помош.

    Законот за старо градско јадро беше донесен по иницијатива на ексминистерската за култура Елизабета Канческа-Милевска во времето на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ. Со ваквиот Закон, старото градско јадро на Битола е прогласено за културно наследство од особено значење. Според зафатнината од 109 хектари, тоа е едно од најголемите споменични целини во земјава. Опфаќа четири урбани комплекси: Стара чаршија, Широк Сокак, Дрвен Пазар и Булеварот. Според режимот за заштита, не смее да се менува постојаната улична мрежа и да се вршат земјени или градежни работи без да се извршат археолошки истражувања на земјиштето во Старото градско јадро.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира