ИЛИЕВСКА ПОБАРА РАЗРЕШУВАЊЕ НА ДВА ДИРЕКТОРА ОТИ НЕ РЕАГИРАЛЕ ЗА ГОЛЕМОТО ЗАГАДУВАЊЕ НА ВОЗДУХОТ ВО БИТОЛА, ПРЕКИНАТА СЕДНИЦАТА НА КОМИСИЈАТА ЗА ЖИВОТНА СРЕДИНА

    ИЛИЕВСКА ПОБАРА РАЗРЕШУВАЊЕ НА ДВА ДИРЕКТОРА ОТИ НЕ РЕАГИРАЛЕ ЗА ГОЛЕМОТО ЗАГАДУВАЊЕ НА ВОЗДУХОТ ВО БИТОЛА, ПРЕКИНАТА СЕДНИЦАТА НА КОМИСИЈАТА ЗА ЖИВОТНА СРЕДИНАБитола во текот на јануари имаше екстремно згаден воздух. (Фото: СДК.МК)

    Седницата на Комисијата за животна средина при Општина Битола вчера беше прекината  по жестока расправија меѓу советниците, откако не беа ставени на гласање предлог-заклучоците за разрешување директори на две јавни претпријатија на претседателката на Советот и советничка од Поинаку, Габриела Илиевска. Илиевска побара градоначалникот Тони Коњановски да ги разреши директорите на ЈП „Паркинзи’’ и ЈП „Комуналец’’ за непреземање мерки за заштита на здравјето на граѓаните за време на екстремно загадениот воздух во јануари.

    Претседателката на Комисијата, Марта Ѓоргиевска, не ги стави на гласање зашто од правната служба ѝ било кажано дека такви точки се ставаат на седница на Советот. По бурните и гласни дискусии, советникот Кире Климевски од ВМРО-Народна партија ја напушти седницата, со што се изгуби кворумот Комисијата да продолжи со работа. На општинскиот јутјуб канал каде редовно се објавуваат снимките од работата на Советот и Комисиите, овааседница на Комисијата сѐ уште не е објавена.

    „Предложив разрешување на директорот на ЈП ‘Паркизи’ за непреземање мерки за заштита на здравјето на граѓаните, зашто на 25 јануари на официјалната страница на ‘Паркинзи’ имаа објавено стстус на кој пишува дека ремонтот е завршен побрзо и се повикуваат граѓаните во текот на утрешниот ден во редовното работно време од 10 до 22 часот да го користат лизгалиштето. Другиот ден беше еден од најзагадените денови кога сме имале праг за алармирање каде, на пример, во 19 часот имаше над 400 микрограми на метар кубен ПМ10. За ‘Комуналец’ предлагав разрешување поради непреземање мерки наложени од Министерството за животна средина кои се законска обрска, како што се миење на улиците, тротоарите, необезбедување на специјално средство со кое се прскаат улиците“, рече Илиевска.

    Таа се пожали дека на Комисијата ѝ било ускратено демократското право како советник да дава предлози и тие да бидат ставени на гласање.

    „Ја прашав претседателката на Комисијата дали ѝ е поважно да не ги разрешат партиските директори отколку здравјето на битолчани? Воедно, бидејќи снимката уште не објавена, побарав да ми биде пратена комплетно“, рече Илиевска.

    Претседателката на Комисијата Марта Ѓоргиевска вели дека е од Социјалистичката партија, коалиционен партнер на ВМРО-ДПМНЕ (која има мнозинство во локалната власт), но дека на комисиите не фаќа никаква страна. Случувањата на последната расправа смета дека биле однапред смислени и ги доживеала како атак врз себе.

    „Имав дилема дали правно смеам такви заклучоци да ставам на гласање на Комисија која е консултативно тело. Се консултирав со правните служби, од каде ми беше кажано дека според член 29 од Статутот на Советот, предлози можат да се поднесуваат на седница на Советот. За да не биде товарот на оваа комисија, некој кој сака да поднесува такви предлози може да побара итна седница и таму да ги даде. На крај, еден од советниците замина, па Комисијата ќе ја продолжиме в понеделник“, рече Ѓоргиевска.

    Битола во текот на јануари имаше екстремно згаден воздух. Годишно дозволени се 35 дена да минат со концентрации на ПМ10 честички повисоки од 50 микрограми на метар кубен, а Битола само во првиот месец од годината имаше дури 24. Беше наминат и прагот за алармирање поради зголемено присуство и на суспендирана прашина, па Министерството за животна средина ѝ наложи мерки на Општината за намалување на аерозагадувањето и заштита на здравјето, меѓу кои и тоа да се мијат улици и шахти и да се забранат спортски и културни настани на отворано.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира