ИЛИЕВСКА СО ПИСМО ПОБАРА ОД ГИР ДА ГО ПРЕИСПИТА СЛУЧАЈОТ СО ЗАГЛАВЕНИОТ ЕВРОПСКИ ПРОЕКТ, ЗА БИТОЛА ДА НЕ БИДЕ ОЗНАЧЕНА КАКО НЕСИГУРЕН ПАРТНЕР НА ЕУ

    ИЛИЕВСКА СО ПИСМО ПОБАРА ОД ГИР ДА ГО ПРЕИСПИТА СЛУЧАЈОТ СО ЗАГЛАВЕНИОТ ЕВРОПСКИ ПРОЕКТ, ЗА БИТОЛА ДА НЕ БИДЕ ОЗНАЧЕНА КАКО НЕСИГУРЕН ПАРТНЕР НА ЕУПретседателката на Советот Габриела Илиевска на Гир му врачи писмо потпишано од 16 битолски советници. (Фото: СДК.МК)

    Евроамбасадорот Дејвид Гир одби да одговара на новинарските прашања поврзани со тоа дали средствата од европскиот проект „Смарт фор ју ту“ ќе бидат наменети за реконструкција на објектот „Парк“ или за изградба на велосипедски патеки во Битола. Тој синоќа присуствуваше на пуштањето во употреба на реновираното Пацио во Завод и музеј, за што пари беа извоени од истиот проект. Веќе неколку месеци трае кавгата меѓу советничките групи околу одобрените средства во рамки на европскиот проектот „Смарт фор ју ту“ за реконструкција на објектот „Парк“ во дворот на Офицерскиот дом во Битола, кој е руиниран. Општина Битола побара пренамена на средствата за велосипедски патеки, но мнозинството советници гласаа против.

    За време на свеченоста, претседателката на Советот, Габриела Илиевска на евроамбасадорот му врачи писмо потпишано од 16 битолски советници преку кое изразија благодарност за поддршката, но и укажаа на тоа дека нема да се согласат со носење на одлуки за кои Советот не дал согласност.

    „Интересите на граѓаните, канализирани преку Советот на Општина Битола, остануваат постојани и непоколебливи, во целосна спротивност со одредени поединци во некои политички и административни улоги. Клучно е Битола да не биде означена како несигурен партнер на ЕУ. Историски, различни политички групи во Oпштина Битола успешно реализираа бројни проекти поддржани од фондовите на ЕУ. Во духот на долгогодишната соработка, ве повикуваме уште еднаш да ги разгледате сите релевантни факти и секако интересите на граѓаните на Битола. Секоја одлука освен континуираната поддршка за проектот во неговата оригинална форма, одобрена од сите релевантни институции, би претставувала директен предизвик за правниот систем на Македонија“, се вели во писмото.

    Пред еден ден, советничката група на СДСМ до Основсното јавно обвинителство поднесе пријава против градоначалникот Тони Коњановски и секретарот на Општината Борче Димитровски, дека потпишале анекс кон основниот договор за пренамена на средствата без одлука на општинскиот Совет.

    Илиевска за САКАМДАКАЖАМ.МК изјави дека во граѓанската иницијатива Поинаку, од чии редови е таа, се поборници за изградба на велосипедски патеки, но кога од Општината ќе добијат проект со одобрение за градба.

    „Во писмото пишува дека сме преблагодарни за соработката и во ниту еден момент не сакаме да изгубиме било каква поддршка од ЕУ, но не можеме да се согласиме со газење врз институции, со потценување на Советот и советниците и со носење одлуки во потесен круг без правна основа. Ние како Совет ,едногласно сме донеле одлука на сам старт на нашиот мандат за реконструкција на Парк“, рече Илиевска.

    Градоначалникот Тони Коњановски за време на настанот повика да се надминат политичките интереси и да се дозволи преку проектот Битола да добие велосипедски патеки од 5,3 километри.

    „Ова ќе се дозволи доколку се надминат политичките интереси и политичарите го слушнат гласот на битолчани, за што очекувам широка поддршка од сите фактори кои се залагаат за промовирање на европските вредности. Верувам дека секој кој е битолчанец ќе го надмине политичкиот интерес и ќе дозволи проектот да биде пример на успешност. На сите нас останува да покажеме колку ја сакаме Битола. Секое поинакво делување носи големи финансиски загуби за сите институции кои добиле можност од ЕУ, но пред сè загуба за Битола“, рече Коњановски.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира