Иницијативата на жени од Шуто Оризари вели дека со 20.000 евра ќе се реши недостатокот од матичен гинеколог во скопската општина и бара од надлежните да ја преиспитаат одлуката за изградба на базен во Шуто Оризари и да ги пренаменат предвидените околу 700.000 евра за проекти со кои ќе се задоволат егзистенцијалните потреби за достоинствен живот на Ромите.
„Одлуката за изградба на базен не само што не соодветствува со најитните потреби на граѓаните од Шуто Оризари, туку го отвора и прашањето за идните приоритети на надлежните кога станува збор за граѓаните од ромска етничка припадност. Изучувањето на водните спортови и здравјето на жената се неспоредливи категории од аспект на итност и неопходност“, велат од Иницијативата на жени на Шуто Оризари. Во програмата за здравствена заштита на мајки и деца за 2017 година, донесена од Владата, предвидени се 240.000 денари или 4.000 евра за гинеколог, кој еднаш во неделата ќе врши примарна здравствена дејност во општина Шуто Оризари.
Активистите од оваа инцијатива подолго време алармираат дека во Шуто Оризари нема матичен гинеколог, и дека 8.000 жени во репродуктивен период се без здравствена заштита.
„Место ова нефункционално и паушално решение, за 1,2 милиони денари, или за 20.000 евра, проблемот со недостаток од матичен гинеколог во оваа општина би бил целосно решен“, велат од Иницијативата на жени од Шуто Оризари. Според податоците од теренските активности на Иницијативата, неретко жените од Шуто Оризари се породуваат во домашни услови, без никаква лекарска грижа.
„Со тоа нивното, и здравјето на новороденчињата, сериозно е ставено под закана. Согласно официјалните статистики, доенечката смртност кај Ромите е 1,5 пати повисока во однос на останатите граѓани, а со оваа одлука извесно е дека стапката нема да се намали. Ромите во.Македонија живеат во исклучителна сиромаштија и висока стапка на невработеност, ромските деца се неисхранети, имаат лоши услови за живот и ограничен пристап до основни здравствени услуги. Многу малку се вложува во нивна едукација, нудење на услуги за сексуално и репродуктивно здравје и воопшто за подобрување на квалитетот на живот“, се вели во реакција на Иницијативата на жени од Шуто Оризари.