МЕ ЧУДИ ЗОШТО ИНСПЕКТОРИТЕ НЕ ИЗЛЕГЛЕ НА ТЕРЕН, А ИМА НАЛОГ ЗА ПРОВЕРКА НА СПОРНАТА 17-КАТНИЦА КАЈ ВОЕНА БОЛНИЦА, ВЕЛИ МИНИСТЕРКАТА ЗА КУЛТУРА

    МЕ ЧУДИ ЗОШТО ИНСПЕКТОРИТЕ НЕ ИЗЛЕГЛЕ НА ТЕРЕН, А ИМА НАЛОГ ЗА ПРОВЕРКА НА СПОРНАТА 17-КАТНИЦА КАЈ ВОЕНА БОЛНИЦА, ВЕЛИ МИНИСТЕРКАТА ЗА КУЛТУРАМинистерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска денеска кажа дека Државниот управен инспекторат дал налог на Управата за заштита на културно наследство да излезе на терен и да направи надзор врз Градски конзерваторски центар, но никој од инспекторите не излегува на терен. (Фото: СДК.МК)

    Управата за заштита на културно наследство иако има налог не врши инспекција како е издадено позитивното конзерваторско мислење за спорната 17-катница за 2.000 жители среде болничкиот комплекс кај Воена болница во Скопје. Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска денеска кажа дека Државниот управен инспекторат дал налог на Управата за заштита на културно наследство да излезе на терен и да направи надзор врз Градскиот конзерваторски центар на Скопје. Но, никој од инспекторите не излегува на терен.

    Вчера се видовме со работната група, денес ќе го привршат извештајот. По тој извештај, она што тие би го донеле како решение, ќе треба да се запрат од извршување на конзерваторското мислење. Меѓутоа, таму имаме нова ситуација. Има од Државен управен инспекторат налог Управата за заштита на културно наследство да излезе на терен и да направи надзор врз Градски конзерваторски центар. Ова е допис од 5 февруари. Јас бев навистина зачудена кога вчера се информирав дека досега инспекторите не се излезени на терен за конзерваторското мислење. Утрово разговарав со директорката на Градски конзерваторски, вели нема никој, немаме ниту најава. Разговоравав и со директорот, Зоран Павлов, вели јас не знам, налог е даден од негова страна, но инспекторите не вршат надзор. Да бидам искрена, мислев дека ќе соработуваат повеќе затоа што мора да делуваме координирано. Навистина се работи за многу чувствителна тема, мора да ја сработиме работата“, вели Костадиновска-Стојчевска.

    На прашањето зошто уште не е готов извештајот, а зградата веќе почнува да се гради, министерката кажа дека имало обемна документација и затоа требало време да ја разгледаат.

    Во соседството на Градската општа болница (ГОБ) „8 Септември“ во Скопје не смее да има големи и високи објекти оти станува збор за болнички комплекс и нема да може да слетуваат хеликоптери. На просторот кај поранешна Воена болница има простор за слетување на воздухоплови во итни медицински случаи, и ако се изгради планираната зграда на 17 ката која е во непосредна близина на болницата, тие нема да може безбедно да слетуваат и полетуваат. Воена болница, меѓу другото, е одредена како Единица за прва реакција за НАТО силите во Косово и со оглед на тоа што во кругот на болницата има терен за итни медицински случаи, а во кругот е и поранешниот Воено-медицински центар што сега го користи Министерството за одбрана.

    Градоначалникот Стевчо Јакимовски на 18 јануари ја потпиша градежната дозвола за изградба на спорната 17-катница среде болничкиот комплекс на Воена болница во Скопје. Инвеститорот на градбата „ЗСФ Ком“ веќе го огради градилиштето и на терен почнуваат градежни работи за изградба на зградата.

    Парцелата каде ќе никне зградата се наоѓа во заштитено подрачје на зградата-споменик Воена болница, сегашната ГОБ „8 Септември“, која има статус на споменик на архитектонско наследство од времето на брутализмот и е заштитен објект како културно наследство. Според Законот за заштита на културно наследство, за да може да се гради каков било објект и да се добие градежна дозвола од Општина Карпош, урбанистичкиот проект треба да го одобри Конзерваторскиот центар.

    Од институцијата најпрво имаше негативно конзерваторско мислење, но тогашниот директор Константин Димитровски не го потпиша. Потоа Димитровски потпиша ново, позитивно мислење, со кое се дозволи градба до Воена болница со што Општина Карпош може да даде градежна дозвола. Димитровски само неколку дена подоцна беше приведен за уривањето на хотел „Шар“ во Скопската стара чаршија.

    Деталениот урбанистички план (ДУП) за Градска четврт 3 05 е донесен во 2013, во претходниот мандат на градоначалникот Стевчо Јакимовски. Во него на две катастарски парцели е вцртана една градежна парцела со број 6.1, на која е предвиден објект со намена А2 – домување во станбени згради, со приземје, 26 ката и поткровје и висина од 88 метри.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира