ИНИЦИЈАТИВАТА „САКАМ ДА ОСТАНАМ“ ВОДИ БИТКА ПРОТИВ ИСЕЛУВАЊЕТО НА МЛАДИТЕ

    ИНИЦИЈАТИВАТА „САКАМ ДА ОСТАНАМ“ ВОДИ БИТКА ПРОТИВ ИСЕЛУВАЊЕТО НА МЛАДИТЕИницијативата ја покренаа ентузијасти од Битола, а сега се прошири и во цела држава (Фото: СДК.МК)

    „Е, ги знаеш децата на Раде? – Ги знам, како не, и двете завршија факултет и се вработија, нели? – Заминале за Германија! – Како ма, па добро беа вработени! – А, добро, како па да не! – Овде, земале по 300 евра со факултет, а таму 2.000 евра почетна плата, а може и повеќе. Ете ги, се сместиле и работа си нашле и сѐ! – А, Раде? – Па, сам со жена му!”. ,

    Или, пак друга приказна: ,,Овој Горан отишол во Швајцарија. – Оној плочкарот? – Тој, тој… – А, жена му и трите дечиња?! – Тие се овде, доаѓа на секои три месеци и носи пари, ете и куќата ја доправија и кола си купија. – Ете што значи Европа, веднаш човек стануваш“.

    И сега јас вака неука се прашувам како тоа во Европа стануваш човек, а во мојата Македонија не?!

    Ова е дел од наградениот есеј што ученичката Магдалена Антовска го објави на конкурсот на иницијативата „Сакам да останам“. Оваа иницијатива ја покренаа ентузијасти од Битола, а сега се прошири и во цела држава. Тие преземаат активности за младите да останат во татковината.

    „За разлика од првичното мислење кое го имавме на темата, а е и општествено прифатено дека младите бегаат од државата само заради финансии (иако не може да се исклучи и тој сегмент), според нашите истражувања, на младите најмногу им пречи недостаток на правда, квалитет на живот, корупција и партизација на општеството. Тоа понатаму им создава проблеми при вработување, унапредување и отворање свој бизнис, партизираното општество создава неквалитетни кадри, па младите решаваат да заминат некаде каде што трудот ќе им биде вреднуван и животот, барем во најголем дел, ќе им зависи од нивните способности и труд“, велат од тимот на „Сакам да останам“.

    Меѓу градовите со најсилен иселенички бран е Битола. После средно училиште младите заминуваат на факултет во друг град, па остануваат таму или заминуваат странство.

    „Радува желбата на граѓаните на Битола и на другите места да се приклучат на иницијативата. Во иднина следи интензивирање на работата на терен. Се надеваме дека во пресрет ќе ни излезат и локалните власти, како и приватниот сектор, затоа што ова е проблем на сите. Ние веќе се обративме до приватни компании, амбасади, релевантни министерства и институции и стопански комори за да ги запознаеме со иницијативата и да побараме поддршка. Генерално, повеќето кои одговорија, беа позитивни“, велат од „Сакам да останам“.

    Тие не ги поттикнуваат младите да останат и живеат во сегашните услови, туку да придонесат за нивна промена.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира