ИНСПЕКТОРАТОТ ИСТРАЖУВА ДАЛИ УЧЕНИК СО ЏУЏЕСТ РАСТ БИЛ ДИСКРИМИНИРАН ВО ТЕХНИЧКОТО УЧИЛИШТЕ ВО БИТОЛА

    ИНСПЕКТОРАТОТ ИСТРАЖУВА ДАЛИ УЧЕНИК СО ЏУЏЕСТ РАСТ БИЛ ДИСКРИМИНИРАН ВО ТЕХНИЧКОТО УЧИЛИШТЕ ВО БИТОЛАДететето се запишало, но од школото ја повикале мајката за да ѝ објаснат за специфичната пракса. (Фото: СДК.МК)

    Државниот просветен инспекторат ќе ја проверува анонимно поднесената претставка за дискриминација во Средното Техничко училиште (во Битола, според која на ученик со џуџест раст, кој успеал да се запише во прва година, му биле вратени документите со образложение дека нема да може да ја врши таа професија. Од училиштето велат дека не се работи за каква било дискиминација, туку дека мајката на детето била повикана на разговор и љубезно ѝ бил соопштен начинот на практична настава и феријална пракса, по што таа лично ги подигнала документите. Од школото додаваат дека се отворени за повторен разговор со родителот да му излезат во пресрет ако повторно сака да го запише детето во истото училиште. Од Инспекторатот соопштија дека по анонимната претставка ќе биде изготвено соодветно задолжение и по завршување на надзорот јавно ќе информираат за наодите.

    Анонимна дојава беше испратена и до нашата редакција, дека од раководството на „Ѓорги Наумов“ во Битола се случил класичен пример на дискриминација на штотуку запишан ученик од прва година. Според анонимката, се работи за дете со џуџест раст кое успешно се запишало во ова училиште во смерот техничар за моторни возила и била повикана мајката да ѝ ги вратат документите оти детето немало да може да „извади мотор“ од автомобил.

    „Мајката е контактирана од в. д. директорката на ова училиште преку месинџер да дојде во училиштето, а таму помошник директорот и рекол да си ги подигнат документите. Ова е за секаква осуда. Детето го одбрало ова стручно училиште и тоа не е виновно што се родило со хендикеп. Можеле да му понудат да се префрли во некој друг смер ако имало доволно поени, но наместо тоа му се вратени документите“, пишува во анонимката.

    Мајката на ученикот не сакаше да зборува за случајот.

    Раководниот тим на училиштето ги отфрли обинувања за наводна дискиминација кон новозапишан ученик од ранлива категорија.

    „Невистинито се тврди дека мајката на ученикот беше повикана вчера на разговор за да ѝ ги вратиме документите. Имајќи во вид дека станува збор на ученик од ранлива категорија, мајката беше повикана на разговор за љубезно да се информира за начинот на реализација на практичната настава во училиштето и во реална компанија, како и за феријалната пракса во компанија, со цел да биде заштитено нејзиното дете. Љубезно ѝ беа кажани и условите во другите профили, т. е. специфичниот начин на практичната настава. Ние секогаш работиме во интерес на децата и во нивна заштита. Нашата цел беше да се заштити детето и да се превенираат евентуални несакани последици. Наша одговорност и обврска беше да се реализира овој разговор. Одлуката на мајката да ги подигне документите беше лична. Таа си ги подигна документите, за што имаме и писмена изјава потпишана од нејзина страна“, се вели во одговорот од раководниот тим на училиштето и додаваат дека доколку таа одлучела и покрај објаснетиот ризик за здравјето на нејзиното дете, тоа да остане во ова училиште, тие ќе ја почитувале таа одлука.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира