Иселувањето на младите е голем проблем зашто земјата го губи талентот и критичната мисла. Многу млади луѓе ја напуштаат државата, заминуваат да учат во странство и најчесто не се враќаат тука, рече амбасадорката на Швајцарија Вероник Улман, на денешната конференција во Битола на која беше промовирана Регионална платформа на млади, дел од проектот „Младински политики по мерка на младите“ на Здружението „Про локал“. Проектот е финансиски поддржан од Владата на Швајцарија преку Цивика мобилитас.
„Повеќе анализи се направени зошто младите си одат. Ќе кажам две причини кои најчесто се споменуваат кога младите ги интервјуираат. Првата, дека тука не гледаат перспектива, а втората дека не се вклучени во процесите на носење одлуки и не можат да прават избори. Дури анализи за вклучувањето на младите во демократските процеи покажуваат дека многу мал дел од нив се вклучени во политиката или во работата на Општините и општеството“, рече Улман.
Таа пред присустните градоначалници, советници, невладини организации и млади, рече дека младите треба да се вклучат во носењето одлуки сега и тоа преку ефективна, а не само церемониијална поддршка.
Градоначалникот на Битола, Тони Коњановски изјави дека во Пелагонискиот Регион во последните две децении има нагорен тренд на иселувањето на младите.
„Нам кои се занимаваме со политика ни е јасно дека младите имаат силна недоверба кон институциите и за нив тезата дека системот се менува однатре е речиси недопирлива и затоа помалку од 18 проценти од младите се вклучени во носење одлуки на локално ниво. Сакаме да го промениме овој процент во нагорна линија, да креираме заедно атрактивни и достапни можности за унапредување на младинските состојби, почнувајќи од современата едукација, културна инфраструктура, јавениот транспорт да биде безбеден и да одговара на движењето на младите“, рече Коњановски.
Елена Веловска од Ресен, која зборуваше во името на младите рече младите кај нас имаат идеи но можностите да ги реализираат се доста мали.
Токму преку Регионалната платформа, младите од Пелагонија ги кажаа своите предизвици и проблеми во местата каде живеат, а на локалните власти и граѓанските организации се обидоа да креираат решенија по мерка на младите.
„Се разгледаа повеќе од десетина предлог-мерки. Во анкета во која учествуваа 500 млади укажаа дека менталното здравје е проблем број еден во регионот, независно од тоа дали живеат во рурални места или поголеми градови. Предлагаат да се креира онлајн советувалиште, каде лиценцирани психолози преку социјалните мрежи или онлајн канали ќе им бидат 24 часа достапни на младите. Така, тие ќе ја задржат анонимноста, нема да треба физички да одат на психолог, а ќе имааат стручна поддршка за поголема самодоверба и поуспешен живот. Има и други мерки од областа на животната средина, здравствената и противпожарната заштита и сите од нив се дизајнирани на нивите потреби“, рече Емилиа Героска, претседателка на Здружението „Про локал“.
Ж. ЗДРАВКОВСКА