ИСКЛУЧЕНА Е СТРУЈАТА ВО ПОВЕЌЕ БИТОЛСКИ УЧИЛИШТА ПОРАДИ НЕПЛАТЕНИ СМЕТКИ

    ИСКЛУЧЕНА Е СТРУЈАТА ВО ПОВЕЌЕ БИТОЛСКИ УЧИЛИШТА ПОРАДИ НЕПЛАТЕНИ СМЕТКИДосега се исклучени шест до седум школи кои имаат блокирани сметки и должат за потрошена електрична енергија подолго време (Фото: СДК.МК)

    Исклучена е струјата во повеќе битолски училишта поради неплатени сметки. Според извори од училиштата, досега исклучени се шест до седум школи кои имаат блокирани сметки и должат за потрошена електрична енергија подолго време. Засега нема информација дали акцијата за исклучување ќе продолжи и во другите школи во Битола.

    ,,Неколку месеци е разговарано со училиштата  за изнаоѓање начин за расчистување на долгот. Но, обидите не вродија со плод. Согласно прописите како за сите корисници така и за нив, беше преземена последната мерка, а тоа е исклучување. Остануваме отворени за изнаоѓање на решение за да се надмине ситуацијата”, рече Атанас Ковачевски, портпарол на ЕВН.

    Од Општина Битола се огласија со писмено соопштение дека училиштата во Битола се во незавидна финансиска состојба, со наследен долг од претходната власт во износ од 4,5 милиони евра, најголемиот дел со блокирани сметки со години, а ова може да донесе и дополнителни проблеми во нивното натамошно работење.

    „И покрај напорите на Општина Битола, училиштата се во незавидна финансиска состојба. Напоредно со висината на долгот на училиштата од 4,5 милиони евра, една од причините е што нема законска можност да се платат дел од долговите на блокираните училишта кон надворешните добавувачи, бидејќи цесиите (договор за отстапување на одредено побарување од еден на друг доверител, при што на должникот му останува обврската да ја исплати кон новиот доверител) законски не се дозволени“, соопштина од Општина Битола.

    Општина Битола за состојбата во образовниот процес ги информира сите владини надлежни институции и побара да се вклучат во решавање и надминување на проблемот со блокираните сметки.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира