Искршена е таблата на новоотворениот бугарски клуб во Охрид на која стоеше испишано името „Цар Борис Трети“. Непознати сторители утрово го оштетиле натписот кој предизвика бурни реакции во јавноста, откако пред пет дена свечено беше отворен клубот со контраверзното име на фашист, кое според многумина е провокација од истоименото здружение на Бугарите во Македонија. Од охридската полиција велат дека се работи на расветлување на случајот.
„Околу 12.45 часот е добиено известување за оштетен дел со натпис на името на здружението над просторијата на клубот. Дел од таблата е оштетен. Во моментов, СВР Охрид врши увид на местото и ќе работи на расветлување на случајот“, велат од СВР Охрид.
Пред пет дена отворањето на клубот помина со протест на кој демонстрантите пееја македонски песни и извикуваа „фашисти“ и „Татари“. Револтирани фрлаа и со јајца врз новоотворениот бугарски клуб со јасна порака дека за фашизмот нема место во една демократска земја.
Протестот го организираше Левица, а го поддржа и ВМРО-ДПМНЕ.
Од Левица кажаа дека со ова се урива уставниот и државен поредок на Македонија и се разгорува националната омраза, оти бугарскиот културен клуб носи контроверзно име поврзано со фашизмот. Претходно, до Основното јавно обвинителство во Охрид партијата поднесе и иницијатива за забрана за работата на Здружението „Цар Борис Трети“, а обвини и дека пред протестот полицијата вршела притисок врз раководството на нивниот локален огранок од Охрид.
Осуда стигна и од пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Рашела Мизрахи, која пред отворањето на клубот во Охрид најави дека пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесе Закон за измена и надополна на Законот за здруженија и фондации, со што не само што ќе се спречи идно формирање на вакви квазикултурни клубови, туку и ќе може да се реагира за веќе постојните.
Отворањето на клубот беше оценето како провокација и од министерот за надворешни работи Бујар Османи, како и од премиерот Димитар Ковачевски.
- ЗА ФАШИСТИ НЕМА МЕСТО ТУКА, КАЖАА ДЕМОНСТРАНТИТЕ НА ОТВОРАЊЕТО НА БУГАРСКИОТ КЛУБ „ЦАР БОРИС ТРЕТИ“ ВО ОХРИД
- БУГАРСКИОТ КЛУБ „ЦАР БОРИС ТРЕТИ“ ВО ОХРИД СЕ ОТВОРА ВЕДНАШ ДО КУЌАТА КАДЕ ШТО ФАШИСТИЧКИОТ ОКУПАТОР ГИ ОСУДИ НА СМРТ КОЛИШЕВСКИ И ПИРУЗЕ
- МАКЕДОНИЈА КАКО АНТИФАШИСТИЧКА ДРЖАВА СО ЗАКОН ЌЕ ЈА ОГРАНИЧИ РЕГИСТРАЦИЈАТА НА НАЗИВИ СО ФАШИСТИЧКИ ИМИЊА, ОД ПРАВНИ ЛИЦА И ФОНДАЦИИ, ДО ЗДРУЖЕНИЈА НА ГРАЃАНИ
С. ВРЕНЦОВСКА