ИСТРАГАТА ЗА ПРИЧИНИТЕ ЗА ПОЖАРОТ ВО ФАБРИКАТА „ПОФИКС“ НЕ Е ПОЧНАТА ОТИ СЕ ЧЕКААТ ВЕШТАЧЕЊЕТА ОД СТРУЧНИТЕ ЛИЦА

    ИСТРАГАТА ЗА ПРИЧИНИТЕ ЗА ПОЖАРОТ ВО ФАБРИКАТА „ПОФИКС“ НЕ Е ПОЧНАТА ОТИ СЕ ЧЕКААТ ВЕШТАЧЕЊЕТА ОД СТРУЧНИТЕ ЛИЦАОд Обвинителството велат дека истрагата не доцни туку дека се работи за обемно вештачење во кое ќе се испитува и целата документација од фабриката поврзана со доказниот материјал.(Фото: СДК.МК)

    Иако поминаа 6 недели од големиот пожар кој изби во тетовската фабрика „Пофикс“, Јавното обвинителство сè уште ја нема започнато истрагата. Од таму велат дека засега бил изготвен само записник, но за да се отвори предмет треба да се добијат наодите од вештачењето кое треба да се добие од Министерството за внатрешни работи и од Електротехничкиот факултет.

    „Најважно е вештачењето од Оделот за криминалистичка техника на МВР. Со него ќе добиеме одговор дали електричната инсталација во самиот објект била поставена како што треба, согласно законските прописи. Ако нема пропусти тогаш може пожарот да го затвориме и како несреќен случај. Внатре имаше доста камери од кои до некаде се гледа од каде избувнува пожарот, но сепак стручните лица тоа многу подобро ќе го објаснат во самото вештачење“, соопштуваат од Јавното обвинителство.

    Од Обвинителството велат дека истрагата не доцни туку дека се работи за обемно вештачење во кое ќе се испитува и целата документација од фабриката поврзана со доказниот материјал.

    Во пожарот кој изби во фабриката за градежен материјал и стиропор „Пофикс“ во Тетово изгореа над 7.000 метри квадратни магацински простор во кој имаше големи количини пред се стиропор и друг градежен материјал. Тетово неколку дена се гушеше во црн, густ чад, а концентрацијата на штетни честички во воздухот беше многу голема.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира