Ако за 10 дена не се исплатат заостанатите субвенции во земјоделството и сточарството, не се дефинира откупната цена на млекото и житото, пелагониските земјоделци најавија дека ќе организираат голем протест во Скопје. Тие денеска протестираа пред Подрачната канцеларија на Министерството за земјоделство во Битола. Се пожалија дека земјоделството е на колена и ако државата скоро не најде решение ќе почнат со блокади на патиштата.
„Субвенците во сточарството не се исплатени 6 месеци за 2025 година, по 8.000 денари од грло, а веќе денес е последниот ден од шести месец што значи доцнат уште за 6 месеци во 2026 година. Премиерот при посетата на Битола се пофали дека законскиот рок за исплата е до 30 јуни, но што ќе правиме од утре? Откупната цена на млекото е од 24 до 26 денари, беше 32, за неполни 6 до 7 месеци ја намалија за 6 до 8 денари, а субвенциите кога не се редовни, тие пари се пропаднати. 365 дена ги храниме кравите, а земаме субвенции по 18 или 24 месеци “, рече Тони Петковски, претстедател на здружението „Пелагониско Поле“.
Сточарите побараа млекото да се прогласи за стратешки производ и да има заштитна цена која ќе ја формира Владата, а не млекарниците. Воедно и сточарите кои одгледуваат овци стравуваат дека ќе останат без субвенции за годинава, како што беше пример во 2024, зашто не можат да ги исполнат наметнатите критериуми.
„Сточниот фонд е намален, па не можеме да ги исполниме условите 30 отсто од вкупната бројка јагниња да дадеме во кланица или да произведеме 500 литри млеко годишно. Ваквата програма нам не ни одговара“, вели Горан Ризовски кој се знаимава со овчарство.
На прагот е жетвата на пченицата, а земјоделците велат дека уште не е дефинирана откупната цена.
„За пченицата цена нема, а нема ни откупувачи. Кај трговците сѐ уште има пченица од ланската реколта, нашата ланска пченица не е сомелена, а увезуваме брашно од Србија во енормни количини. Нема каде да го носиме житото, со тоа немаме можност да се пазариме за добра цена. Бараме од интеревентниот фонд 5 денари за килограм пченица. Пченицата е стратешки производ и не држат место објаснувањата на државата дека берзански се одредува центата“, рече Миле Кебакоски од „Фармери Југозапад“.
Земјоделците критикуваа дека државата кон одредени трговци уште не ги има платено финансиска поддршка за складирање на пченица од лани.
„Не знаеме во кои капацитети да складираме, трговците ни велат дека за ланската пченица државата не им ги има исплатено трошоците. Има земјоделец 190 тони жито таму, газдата не му ја дава пченицата му бара да плати за складирањето, па кога државата нему ќе му даде пари, тој ќе му ги врати на земјоделецот. Најдоа Соломонско решение’, вели Кебакоски.
Ж. ЗДРАВКОВСКА



