ИВАНА ЃОРЃИЕВСКА ОД НЕЗАВИСНАТА ЛИСТА НА ДИМИТРИЕВСКИ ИЗБРАНА ЗА ПРЕТСЕДАТЕЛКА НА СОВЕТОТ НА КУМАНОВО СО ПОДДРШКА НА ВМРО-ДПМНЕ

    ИВАНА ЃОРЃИЕВСКА ОД НЕЗАВИСНАТА ЛИСТА НА ДИМИТРИЕВСКИ ИЗБРАНА ЗА ПРЕТСЕДАТЕЛКА НА СОВЕТОТ НА КУМАНОВО СО ПОДДРШКА НА ВМРО-ДПМНЕСо изборот на Ѓорѓиевска, за првпат по 30 години од осамостојувањето на чело на Советот на Општина Куманово нема да биде претседател од СДСМ. (Фото: СДК.МК)

    Ивана Ѓорѓиевска од независната листа „За наше Куманово“ на градоначалникот Максим Димитриевски, денеска е избрана за претседателка на Советот на Општина Куманово со гласовите на ВМРО-ДПМНЕ, Алијанса на Албанците и Алтернатива, Беса и Левица. Таа доби 19 гласа од коалиционите партнери, а за предлогот не гласаа советниците од коалицијата на СДСМ и ДУИ, кои заедно имаат 14 гласови.

    Со тоа, за првпат по 30 години од осамостојувањето на државата, на чело на Советот на Општина Куманово нема да биде претседател од СДСМ.

    Во првото обраќање Ѓорѓиевска најави дека со советниците ќе го оправда секој добиен глас на локалните избори и ќе се бори за остварување на програмата која ја ветиле на изборите.

    „Конекцијата помеѓу Советот и граѓаните мора да биде цврста и квалитетна, и да даде резултат во решавањето на локалните проблеми. Со тоа ќе покажеме дека партиските обележја во овој состав се помалку важни и дека овој Совет ќе биде вистински сервис на граѓаните“, рече Ѓорѓиевска.

    Од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ рекоа дека новата претседателка ќе ја има нивната поддршка сè додека функцијата ја извршува чесно и одговорно, додека работи транспарентно и согласно законската регулатива, статутот на Општината и деловникот на Советот.

    „Ивана Ѓорѓиевска ќе ја има нашата поддршка сè додека има слух за унапредување на работата на Советот, како од аспект на негово отварање кон граѓаните така и во донесувањето на одлуките“, изјави Елена Доцевска-Божиновска, кородинаторка на ВМРО-ДПМНЕ.

    Советниците на коалицијата на СДСМ, кои освоија најмногу советнички места на изборите, сметаат дека мнозинството во Советот е постигнато со непринципиелни коалиции, а со поддршката на ВМРО-ДПМНЕ се покажало дека не се следат интересите на граѓаните ниту идеологијата, туку само гола борба за интерес.

    „Ќе остане забележано во историјата на локалната самоуправа дека за првпат ќе биде изгласан претседател наводен социјалдемократ, кој во време на изборната кампањата заедно со своите колеги наводни социјалдемократи ги доведоа во заблуда гласачите и граѓаните дека ги застапуваат интересите на социјалдемократијата, а сега се паднаа маските“, кажа Атина Мургашанска.

    С. НИКОЛИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира