Доаѓањето на бугарскиот вицепремиер и министер за одбрана Красимир Каракачанов, кој е лидер на националистичката партија ВМРО-БНД, да промовира книги за Тодор Александаров и полковник Дранго, ги разбранува духовите во Битола. Пред почетокот на промоцијата за влакно беше избегнат инцидент, а и Сојузот на борци од Битола бараше да не му се дозволи да ја промовира книгата во Битола.
„Од сознанијата што ги имаме, тој ќе зборува на тема што не одговара на интересите на македонскиот народ. Ќе зборува дека ние сме бугарски Македонци, што е спротивно на нашите интереси и на сè она што ја гради нашата земја. Ние ја поведовме НОБ, а тие сакаат да прикажат дека доброволно дошле во нашата земја, а не како окупатори. Не сакаат да сфатат дека од 25.000 жртви, 90 проценти се загинати во борба со фашистичка Бугарија. Да не се користи демократијата во други цели, кои се спротивни на нашиот интерес. Нека дојде во Битола, но не да зборува против македонските интереси“, рече Александар Трајковски, претседател на Сојузот на борци од Битола.
Каракачанов дојде во Битола да промовира книги на покана на Културниот центар „Иван Михајлов“ од Битола.
Додека Каракачанов даваше изјава за новинарите, велејќи дека историјата е јасна кој е Гоце Делчев, битолскиот музичар Славчо Спировски му се приближи и почна да му реплицира на повисок тон дека Делчев се борел за независна Македонија, а не за Бугарија. По, ваквата реакција, дел од луѓето кои беа до Каракачанов го истуркаа на страна.
„Ме истукаа како вреќа компири, па влегов во ресторанот од спротива, но добар сум“, ни изјави Спировски.
Каракачанов по ова продолжи со изјавата, велејќи „секој има право да постави прашање, а Гоце Делчев напишал сам каков е, нема смисла да се спори за глупости“.
„На крај на краиштата има држава Македонија и Бугарија, во двете го почитуваат, во двете има споменици на Гоце Делчев. Но, да не спориме тој чиј е, најдобро е да прочитаме што тој напишал и сакал. Колку повеќе се чита историјата и се гледаат фактите внатре, толку полесно ќе се решат споровите. Спорот е политички, а историјата е очигледна. Но, да кажеш дека Гоце Делчев се декларирал како Бугарин зашто сакал бугарски пасош нема таква глупост. Во тоа време на никој не му требал пасош од Бугарија за да дојди да учи. Тој доаѓал да учи во Софија, а не одел во Атина, Белград, Петербург, што има да спориме“, рече Каракачанов.
Осврнувајќи се на прашањето за јазикот, рече дека не гледа смисла во 21 век да се спори на каков јазик зборувал Гоце Делчев, Браќа Миладиновци и други.
„Глупаво е, земете ги Австрија и Германија има ли спор меѓу Виена и Берлин за тоа каков јазик зборуваат, на Австрија не ѝ пречи тоа да зборуваат германски, а да бидат суверена држава. Кипар и Грција земете ги, има ли спор на каков јазик зборуваат“, рече Каракачанов и додаде дека 120.000 Македоници имаат бугарско државјанство и дека постапката за вадење пасош сега не е рестриктивна, туку е побавна.
Ж. ЗДРАВКОВСКА