ИЗБЕГНАТИ НОВИ ИЗБОРИ, СОВЕТОТ НА ОПШТИНА ТЕТОВО КОНЕЧНО ИЗБРА ПРЕТСЕДАТЕЛ

    ИЗБЕГНАТИ НОВИ ИЗБОРИ, СОВЕТОТ НА ОПШТИНА ТЕТОВО КОНЕЧНО ИЗБРА ПРЕТСЕДАТЕЛПо неколку месеци натегање и еден неуспешен избор кој беше поништен, за претседател на Советот беше избран Беким Мемети од ДУИ. - Тетовската градоначалничка Теута Арифи на денешната седница на Советот (Фото: СДК.МК)

    На ден пред истекот на законскиот рок, советниците од Советот на општина Тетово ја усвоија завршната сметка на Општината за 2017 година, а воедно одржаа и нова седница по речиси три месеци пауза со што се избегна распуштање на Советот поради неактивност и распишување нови избори.

    Можноста од нови избори како да ги уплаши сите политички партии во Советот, па на оваа седница, по неколку месеци натегање и еден неуспешен избор кој беше поништен, конечно беше избран и претседател на Советот. Тоа место повторно го доби ДУИ преку својот претставник Беким Мемети. За него гласаа 9 советници од ДУИ, 3 од СДСМ, 3 од ДПА еден од ДП на Турците како и двајца советници од БЕСА, па така со 18 гласови Мемети стана нов претседател на Советот на Општина Тетово. Советниците на ВМРО ДПМНЕ на Алијансата на Албанците и тројца советници од БЕСА гласаа воздржано.

    „Нови избори на никого немаше да му бидат во полза и со ова гласање тоа и се покажа. И партиите во Тетово и граѓаните веќе се изморени од гласања. При мојот избор за претседавач на Советот имаше и гласови од партија која досега не беше во мнозинската коалиција во Советот. Ќе видиме во иднина како ќе се одвиваат работите. Можеби тие гласале според она што го виделе и според доставениот предлог, но верувам дека понатаму не само овие советници туку дека и другите сите заедно ќе гласаме за добрите работи што треба да се решаваат за Општината“, изјави новоизбраниот претседавач на Советот на Општина Тетово Беким Мемети.

    Освен во Тетово многу слична беше состојбата и во соседната Општина Теарце. И таму советнициите, соочени со законските одредби, вчера успеале и тие да изберат претседател на Советот на Општината.

    З. АНДОНОВ

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира