ИЗДАВАЧ ОД АЛБАНИЈА ГИ ТУЖИ ОПШТИНА ТЕТОВО И ГРАДОНАЧАЛНИКОТ КАСАМИ ДЕКА ПОДАРУВАЛЕ КНИГИ КОИ БИЛЕ ОТПЕЧАТЕНИ БЕЗ АВТОРСКИ ПРАВА

    ИЗДАВАЧ ОД АЛБАНИЈА ГИ ТУЖИ ОПШТИНА ТЕТОВО И ГРАДОНАЧАЛНИКОТ КАСАМИ ДЕКА ПОДАРУВАЛЕ КНИГИ КОИ БИЛЕ ОТПЕЧАТЕНИ БЕЗ  АВТОРСКИ ПРАВАХудри од Албанија за донацијата видел од фејсбук објавата на градоначалникот Касами како подарува книги, меѓу кои имало и книги од албанскиот писател Исмаил Кадаре, за кои, како што вели, само тој ги имал авторските права за печатење, додека овие што биле подарени на тетовските училишта неовластено ги печатела издавачка куќа од Тетово. (Фото: Фејсбук)

    Сопственикот на издавачката куќа „Онуфри“ од Албанија, Бујар Худри, во Тетовскиот суд ги тужи Општина Тетово и градоначалникот Билал Касами дека донирале книги кои биле отпечатени без да се запазат автроските права на издавачот „Онуфри“. За донацијата тој видел од фејсбук објавата на градоначалникот Касами како подарува книги, меѓу кои имало и книги од албанскиот писател Исмаил Кадаре, за кои, како што вели, само тој ги имал авторските права за печатење, додека овие што биле подарени на тетовските училишта неовластено ги печатела издавачка куќа од Тетово.

    „Поднесов тужба против Општина Тетово и нејзиниот градоначалник поради објавата што ја тој ја направи на неговата социјална мрежа. Тој објави дека во пет училишта во Тетово, донирал околу 5.000 книги за што објавил и фотографии. Од тоа што можев да го видам, констатирав дека сите книги што ги купила Oпштината за да ги донираат на средните училишта во Тетово се украдени. Причината зошто ја тужам Општината е што е скандалозно државата да прима украдени книги и да ги донира. И второ, зошто да ги донира на јавните библиотеки и на учениците овие книги кои се отпечатени на срамен начин, без никаков квалитет, дури и половични“, вели издавачот Худри.

    Од Општина Тетово ги отфрлаат ваквите обвиненија како неосновани и велат дека Худри со ова се вклучува во политички игри. Од таму соопштија дека овие книги не ги набавила ниту ги платила Општината, туку книгите ги набавиле и ги платиле средните училишта, а градоначалникот бил само на нивното доставување во училиштата.

    „Жал ни е што сопственикот на издавачката куќа ‘Онуфри’, Бујар Худри, одбрал да се вклучи во политички игри, при што истовремено ја нарушува професионалната етика и ликот на големиот писател Исмаил Кадаре. Во една објава на Фејсбук,  Худри неосновано го обвини градоначалникот на Општина Тетово дека наводно продавал книги од Кадаре за време на една јавна церемонија. Ова е невистинита изјава, со сомнителна заднина, која го нарушува интегритетот на еден јавен функционер и поттикнува непотребни конфликти во културниот и образовниот простор. Градоначалникот на Општина Тетово ниту купил ниту продал книги на кој било официјален настан. Набавката на лектира за потребите на учениците е одговорност на средните училишта, кои ја имаат исполнето оваа обврска самостојно, според потребите и законските процедури. Бидејќи градоначалникот на Општина Тетово на никаков начин не бил вклучен во процесот на набавка, бараме од  Худри, јавно да се извини за неоправданото оцрнување на ликот на градоначалникот на Општина Тетово“, се вели во соопштението од Канцеларијата за комуникации на Општина Тетово.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира