ИЗГАСНАТ ПОЖАРОТ ВО „ТРЕСКА“, ГРАДОНАЧАЛНИЧКАТА АРСОВСКА ВЕЛИ ДЕКА Е ПОДМЕТНАТ

    ИЗГАСНАТ ПОЖАРОТ ВО „ТРЕСКА“, ГРАДОНАЧАЛНИЧКАТА АРСОВСКА ВЕЛИ ДЕКА Е ПОДМЕТНАТВо „Треска“ треба да се градат згради и целосно да се бетонизира ова дел од градот. (Фото: К. Попов)

    Пожарот во дворот на фабриката „Треска“ е локализиран, а како што вели градоначалничката Данела Арсовска, тој е подметнат.  Во гасењето учествувале 55 пожарникари од Бригадата за противпожарна заштита и нема повредени лица.

    „Целата противпожарна бригада работеше посветено цели два часа да го локализираат, да го изгаснат овој пожар. Во текот на изминатите два часа сме тука, и од индициите што ги имаме се работи за пожар што е отпочнат овде, со сомненија дека е подметнат. Информацијата што ја добивме од околните жители е дека виделе лица на овој потег непосредно пред пожарот и дека во повеќе наврати се случуваат пожари на овој потег. Веруваме дека во најкраток можен рок треба надлежните институции да преземат мерки, да разговараат и да се превенира ова што се случува на оваа локација. Важно е да се заштитат граѓаните, особено имајќи предвид дека се работи за исклучително голем број околни станбени куќи и деловни објекти што беа денеска загрозени со овој пожар“,  рече Арсовска.

    Ова не е првпат да избие пожар во фабриката, но овој е најголем. (Фото: Принтскрин од дрон видео на ИКС)

    Пожарот во Треска изби околу 14 часот. Ова не е првпат да избие пожар во фабриката, но овој е најголем.

    Пожарникарите гасеа и со кофи. (Фото: СДК.МК)

    Во рамките на фабриката, според постојниот Детален урбанистички план, треба да се градат згради и целосно да се бетонизира овој дел од градот, за што реагираат граѓанските организации. По барање на архитектите и граѓанските организации, од ексградоначалникот на Центар Саша Богдановиќ беше распишан конкурс за тоа како да се уреди просторот и избрани најдобрите решенија. Но, конкурсот беше за џабе распишан, затоа што актуелниот градоначалник Горан Герасимовски вели дека тој не може да се реализира оти имало приватни парцели.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира