ИЗГОРЕ КОТЛАРАТА НА ВЕЛЕШКАТА МЛЕКАРНИЦА „МИЛКОМ“, ПРОИЗВОДИТЕ И НАТАМУ НА ПАЗАРОТ

    ИЗГОРЕ КОТЛАРАТА НА ВЕЛЕШКАТА МЛЕКАРНИЦА „МИЛКОМ“, ПРОИЗВОДИТЕ И НАТАМУ НА ПАЗАРОТМлекарницата „Милком“ е најголемиот производител на млечни преработки во поширокиот Велешки Регион, но пожарот нема да остави трага во снабдувањето, најавува сопственикот Ангел Николов. (Фото: СДК.МК)

    Рано утрово изгоре дел од млекарницата „Милком“ во близина на Велес. Направена е значителна материјална штета, повредени при гаснењето на огнот нема. Пожарот избувнал околу 5 часот, а е локализиран од  противпожарната единица во 10.30.

    „Интервенирано е со две возила, на локализирање на пожарот работеа шест пожарникари од Велес. Побарана е помош од колегите од Неготино и цистерна од ЈКП Дервен. Огнот е појавен кај котларата, изгорен е кровот. Со интервенцијата на пожарникарите не дозволивме пожарот да се прошири во останатиот дел од млекарницата“, рече командир на велешката противпожарна единица Љупчо Лепидовски.

    Млекарницата „Милком“ е најголемиот производител на млечни преработки во поширокиот Велешки Регион. Но пожарот нема да остави трага во снабдувањето, најавува сопственикот Ангел Николов.

    „Магацинскиот простор не е зафатен од огнот и производите освен течниот програм, ќе ги има на пазарот. Огнот се појави кај котларата и ја зафати кровната конструкција. Производните погони не се зафатени, тие се подалеку. Неколку дена ќе треба да го расчистиме просторот. Имаме обврска кон млекарите за откуп и продолжуваме со работа, го решивме просторот со друга млекарница. Недела дена нема да има течен асортиман, другото ќе биде дистрибуирано на пазарот“, рече Николов.

    Од СВР Велес соопштија дека нивна екипа извршила увид, по што ќе биде позната причината како и висината на материјалната штета.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира