Одлуката на Уставен суд за укинување на мораториумот за градба во Општина Центар ги уби надежите за подобар квалитет на живот и победи профитот, соопштија од граѓанската иницијатива „Здравје пред профитот во Центар“. Велат дека исчезна политичката воља да се поправат грешките од претходниот систем и незаконските планови за градба се повторно на сила.
Посочуваат дека овие планови не се само одговорност на Општина Центар туку и на Министерството за транспорт и врски, на Град Скопје, Министерството за животна средина, Дирекцијата за заштита и за спасување, Министерството за култура, но и новоти Министетство за одржлив развој и антикорупција бидејќи „граѓаните се чувствуваат излажани оти им ветија дека ефикасно ќе ги заменат незаконските и корумпираните планови со нови подобри планови кои ќе обезбедат подобар квалитет на живот“.
„Сите овие институции од денес ќе бидат виновни за небезбедниот сообраќај во Центар особено пешачкиот, за преполни училници, за недостаток на сонце во вашите домови, за преполни амбуланти, за неможност да ви пристапи Брза Помош и Пожарна, за недостаток на игралишта, за премногу ѓубре, недостаток на паркинг и поголема загаденост. Надлежните избраа профит наспроти квалитетот на живот и безбедноста на нашите деца“, велат од „Здравјето пред профитот“.
Тие обвинуваат дека власта „им замижаа на планерските куќи кои бесконечно изнаоѓаат ‘итарпејовски” решенија како да не ги подобрат плановите и не ги спроведат стручните барања“.
Уставен суд ја прифати иницијатива за оценување на уставноста на мораториумот за градба во Општина Центар и донесе времена мерка тој да се укине додека се оцени дали одлуката е уставна или не.
Иницијативата до Уставен суд ја поднесоа двајца граѓани од Охрид.
Од Општина Центар ваквата одлука на Уставен суд ја сметаат за штетна и велат дека „ако се земе во предвид кој е подносител на иницијативата, јасно е дека никој не ја цени заложба и мислењето на архитектите, урбанистите и стручната јавност кои посветија огромен труд за да се направат промени на подобро со деталните урбанистички планови во Општина Центар“.
„Доколку со оваа одлука биде укината, одлуката за начинот на спроведување на деталните урбанистички планови, ќе стапат на сила старите планови, за кои што граѓаните и тоа како се противеа. Оттука, за сѐ што ќе се случува понатаму, одговорноста наместо во општината, мора да се бара во Уставниот суд, кој ги скрати можностите на Општина Центар за било каква промена со новите детални урбанистички планови“.
Градоначачникот на општината Саша Богдановиќ вели: „Нашата борба не завршува со оваа одлука, напротив, ни го дава потребниот ветар в грб. Општина Центар и јас како нејзин градоначалник, избран од граѓаните на Центар на непосредни, фер и демократски избори, ќе направиме сѐ што е во наша надлежност со единствена цел, да ја направиме општината подобро и похумано место за живеење“.
А. АНТЕВСКА