ЈАНА НЕ МОЖЕМЕ ДА ЈА ВРАТИМЕ, НО ДА СПАСИМЕ ДРУГИ ДЕЦА ДА НЕ ЈА ДОЖИВЕАТ НЕЈЗИНАТА СУДБИНА, РЕКОА НА ПРОТЕСТОТ ПО СМРТТА НА 5-ГОДИШНОТО ДЕВОЈЧЕ ВО БИТОЛА

    ЈАНА НЕ МОЖЕМЕ ДА ЈА ВРАТИМЕ, НО ДА СПАСИМЕ ДРУГИ ДЕЦА ДА НЕ ЈА ДОЖИВЕАТ НЕЈЗИНАТА СУДБИНА, РЕКОА НА ПРОТЕСТОТ ПО СМРТТА НА 5-ГОДИШНОТО ДЕВОЈЧЕ ВО БИТОЛАПрисутните побараа реформи и оставки во здравството. (Фото: СДК.МК)

    „Јана не можеме да ја вратиме назад, ама сакаме колку е можно да спасиме многу други дечиња за да не ја доживеат судбината на нашата малечка и непреболена Јана“, беше пораката упатена на протестот што вечерва се одржа во Битола поради смртта на петгодишната Јана Христовска, која пред точно една недела почина во Клиничката болница во Битола. Протестот го организираа роднини и пријатели на семејството на починатото девојче, а кумот кој ја крстил Јана, Игор Петковски, рече дека нема да се откажат од правдата за неа.

    „Не го коментираме извештајот на Државниот здравствен и санитарен инспекторат (ДЗСИ) сметаме дека не е релевантен, релевантна е обдукцијата, таа да ги каже сите одговори. Да се каже вистината ни милиметар поинаку, а потоа на ред ќе биде обвинителството да видиме какви чекори ќе преземе. Ние што ќе преземеме ќе зависи од резултатот на обдукцијата. Нема да дозволиме ничие друго мешање или груба манипулација и вадење од контекст на било кој кажан збор на семејството Христовски. Нема да дозволиме сведоштвото на семејството да биде прикажано како сомнеж, а скриената вистина да биде прикажана како факти. Заеднички ќе се бориме за да се обелодени вистината“, рече Петковски.

    Дел од присутните на протестот плачеа, а некои носеа и запалени свеќи. Беа истакнати транспаренти со натписи „Не е ни прво, не е ни последно“, „Сложни доктори во петок закопуваат“, „Ако немаш пријател умри си“, „Купена диплома слугува на ѓаволот“ и слично. Присутните побараа реформи и оставки во здравството.

    Јана Христовска почина на 22 март откако претходно родителите ја однесоа во Клиничката болница во Битола каде прими инфузија на Одделението за педијатрија, а шеќерот од 9 се искачи на 19. Родителите во првичните изјави за медиумите се посомневаа дека се случи лекарски пропуст. Од Државниот здравствен и санитарен инспекторат, кој направи вонреден увид, беше соопштено дека кај девојчето се јавиле проблеми со срцето и дека немало лекарски пропуст. Се чекаат резултатите од обдукцијата.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира