ЈАВНИТЕ ПРЕТПРИЈАТИЈА ВО КУМАНОВО ЈА ДОБИЈА МЕХАНИЗАЦИЈАТА ЗА КОЈА ОПШТИНАТА СЕ ЗАДОЛЖИ МИЛИОН ЕВРА

    ЈАВНИТЕ ПРЕТПРИЈАТИЈА ВО КУМАНОВО ЈА ДОБИЈА МЕХАНИЗАЦИЈАТА ЗА КОЈА ОПШТИНАТА СЕ ЗАДОЛЖИ МИЛИОН ЕВРАСо оваа транша се обезбедени 3 комбинирани ровокопачи-натоварувачи со вкупна вредност од околу 14 милиони денари. (Фото: СДК.МК)

    Пристигна дел од техничката помош во механизација за јавните претпријатија „Водовод“, „Куманово-гас“ и „Чистота и зеленило“, за коишто Општина Куманово пред година и пол зеде кредит од Светската банка за обнова и развој. Кредитот е во висина од 63.754.712 денари или над 1 милион евра, со каматна стапка од 1 отсто, рокот на враќањето е 10 години и грејс период од 3 години.

    Со оваа транша се обезбедени 3 комбинирани ровокопачи-натоварувачи со вкупна вредност од околу 14 милиони денари. Во наредниот период треба да пристигнат 3 камиони со опрема за зимско одржување на улици, трактор со приколка, автодигалка и 1 камион за смет за „Чистота и зеленило“, автомобил и камионет за потребите на „Куманово-гас“ и пајак возило за „Куманово Паркинг“. Вкупната набавка е 12 возила, а чини 62,8 милиони денари.

    Опремата и механизацијата е набавена со цел да се подобрат условите за работа и да се прошират услужните капацитети на претпријатијата, кои се дават во долгови и имаат проблеми во работењето.

    „Со набавка на новата опрема, Општината планира да ги ангажира јавните претпријатија за вршење на нови услуги за кои досега се ангажирале приватни компании и со тоа да заштеди средства, со кои ќе го враќа кредитот и ќе ја подобри финсиската состојба во четирите претпријатија, ќе се подобрат условите за работа во претпријатијата и нивото на услуга со што бенефит ќе имаат сите граѓани на општина Куманово“, изјави градоначалникот Максим Димитриевски на промоција на механизацијата.

    Проектот се реализира со Министерството за финансии преку Договор за подзаем со Министерството и финансиска поддршка обезбедена од кредитната линија на Меѓународната банка за обнова и развој.

    Апликацијата за вториот проект за подобрување на општинските услуги е поднесена во 2018, а одлуката да се задолжи Општината беше донесена од предходниот Совет во октомври 2020. Тогаш, советниците на ВМРО-ДПМНЕ како опозиција не го поддржаа предлогот за долгорочно домашно задолжување на Општина Куманово и го напуштија гласањето, затоа што сметаат дека јавните претпријатија треба сами да инвестираат во својот развој и дека во ваква тешка економска состојба Општината не треба да се задолжува. На нивните забелешки зошто овие средства нема да се потрошат на капитални инвестиции во инфраструктурата, како што е изградба на патишта, канализација или купување на противпожарно возило, градоначалникот објасни дека проектот дозволува да се инвестира во дејности кои создаваат приходи.

    Едно од претпријатијата кое ќе добие техничка поддршка е „Куманово-гас“ кое сега го менаџира директор од ВМРО-ДПМНЕ.

    С. НИКОЛИЌ

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира