„ЈУГОХРОМ“ БАРА ПОМОШ ОД ВЛАДАТА ЗА ДА ЈА ПЛАТИ ФИЛТЕР СТАНИЦАТА ОД 12 МИЛИОНИ ЕВРА

    „ЈУГОХРОМ“ БАРА ПОМОШ ОД ВЛАДАТА ЗА ДА ЈА ПЛАТИ ФИЛТЕР СТАНИЦАТА ОД 12 МИЛИОНИ ЕВРАНа местото каде ќе треба да биде поставена филтер станицата во „Југохром“ е поставен само бетонски фундамент и во моментов нема никакви градежни активности, а скопски ФАКОМ веќе ја направил металната конструкција но не ја испорачува додека не биде платена (Фото: СДК.МК)

    Поставен бетонски фундамент во кругот на комбинатот е сѐ она што во „Југохром“ е направено за изградба на филтер станицата за пречистување на отпадните гасови за изминативе 18 месеци  откако фабриката престана со работа. На местото каде  ќе треба да биде поставена филтер станицата во моментов нема никакви градежни активности. Најавите на раководството на комбинатот дека овој објект брзо ќе биде изграден по сѐ изгледа беа неосновани.

    Генералниот директор на „Југохром“ Васко Скендеровски во телефонски разговор ни рече дека деновиве требало да има состанок со вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев ,на кој главна тема требало да биде доизградбата на филтер станицата. Според проценките, оваа филтер станица би чинела од 10 до 12 милиони евра, а тие пари „Југохром“ ги нема и се обидува да ги добие преку кредити од банките или од државата. Но Скендеровски потоа не беше достапен за информација дали состанокот е одржан и што се расправало на него, и дали „Југохром“ ќе продолжи со изградбата.

    Вицепремиерот Анѓушев, при посета на неколку стопански објекти во тетовско на 7 мај, изјави дека „Југохром“ бара од Владата да посредува и да помогне при добивање на банкарски гаранции за кредит со кој ќе се плати доизградбата на филтер станицата. Имено, скопски ФАКОМ веќе ја направил металната конструкција на филтер станицата, но не ја испорачува додека не биде платена.

    Вицепремиерот Кочо Анѓушев, при посета на неколку стопански објекти во тетовско на 7 мај, изјави дека „Југохром“ бара од Владата да посредува и да помогне при добивање на банкарски гаранции за кредит со кој ќе се плати доизградбата на филтер станицата, без која фабриката нема да се рестартира (Фото: СДК.МК)

    Анѓушев  за состојбата во „Југохром“ и рестартирањето рече дека како Влада направиле напори да го охрабрат сопственикот да започне со градба на филтер станицата, но дека без нејзина целосна изградба „Југохром“ не ќе може повторно да почне со производство.

    „Ние уште денеска може да го пуштиме ‘Југохром’ да работи без филтер, но тоа не е целта туку нам ни е важна грижата и за здравјето на граѓаните но и економијата. Јас ги водев преговорите со сопственикот и по нив започна изградбата на филтер станицата, а според последните информации од ФАКОМ таа е готова, челичната конструкција треба многу скоро да се монтира. Ние како држава ги разгледуваме сите можности и со банките и со сопственикот, но ние како држава не можеме премногу да се мешаме во приватните компании, но сакаме да им помогнеме и на банките и на сопственикот да ја подобрат нивната соработка и да се изнајдат средства тој филтер да се изработи. Навистина е штета денеска ‘Југохром’ да не работи кога цената на феросилициумот на светските берзи е на високо ниво и мислам дека комбинатот може профитабилно да работи. Сепак, здравјето на луѓето нема цена и мораме да направиме состојба каде и ќе внимаваме на здравјето на луѓето и ќе внимаваме на економијата. Јас лично сум оптимист дека такво решение е можно“, изјави Анѓушев.

    Со затварањето на “Југохром“ над 800 работници повеќе од една година се без работа. Незадоволна од ваквата состојба синдикалната организација на „Југохром“ неколку пати протестираше, блокираше патишта,  а нов протест се најавува за идната недела.

    „Ние поднесовме барање до Владата за состанок со одговорните лица. Ќе чекаме со сабота до кога ни е поставен рокот за средбата. Ако и овој пат се одбие нашето барање, наредната недела ќе организираме протести пред Владата. Ова е нешто што најмалку го сакаме, но сме приморани на вакви потези. Ние имаме планови и предлози како ‘Југохром’ да продолжи да работи, а работниците да се вратат на своите работни места само треба некој да нé сослуша“, изјави Бајрам Амити претседател на синдикалната организација на „Југохром“.

    „Југохром“ во 2014 доби двегодишен период во кој требаше да постави филтри за отпрашување на гасовите што произлегуваат од процесот на топењето на рудата. Тогаш проблеми се јавија при подготвувањето на техничката документација за филтрите но, според раководството на фабриката, најмногу време се изгубило околу добивањето на градежните дозволи од надлежните министерства. Откако ни тој рок не беше испочитуван, во ноември 2016 Државниот инспекторат нареди да се прекине производството во  „Југохром“.   Според Законот за заштита на животната средина, бидејќи спаѓа во редот на големите еколошки загадувачи „Југохром“ мора да поседува „А“ еколошка дозвола за работање, што значи поставување на соодветни филтри и друга опрема за прочистување на воздухот од отпадните материи.

    З. АНДОНОВ

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира