Градоначалникот на Скопје Петре Шилегов денеска најави старт на проектот за изградба на клучката кај Момин поток и кружен тек кај „Хубо маркет“, со што како што кажа метежот во овој дел од Скопје ќе го нема. Шилегов кажа дека деновиве е објавен тендерот за избор на фирма изведувач, а во јуни ќе стартува реализацијата на овој капитален проект за Скопје со вредност од околу 18 милиони евра.
„Се работи за огромен проект, градежните работи ќе стартуваат во јуни, а изведбата треба да трае 2 до 2,5 години. Според својата комплексност, се работи за убедливо најсложениот сообраќаен проект којшто Град Скопје го има изработено од 1965 година, па наваму. Малку поедноставен е проектот за клучката кај хотелот ‘Континентал‘. Со цел да се намали сообраќајниот метеж на овој потег, се предвидува изградба на 2 кружни тека, првиот треба да ја замени крстосницата кај булеварот 8.Септември и улицата Скупи и вториот кој треба да ја замени крстосницата на булеварот Никола Карев и патот кон Визбегово, обиколницата и косовската граница. Од вториот кружен тек улицата продолжува до крстосницата со булевар Словенија каде што се поврзува со булеварот Словенија и со булеварот Босна и Херцеговина“, рече Шилегов, на денешната презентација на проектот.
Оваа сообраќајница е една од клучните градски сообраќајници бидејќи дневно овде поминуваат 25.000 возила и метежот е голем.
Вкупната должина на сообраќајницата меѓу двата кружни тека и до пред раскрсницата со булевар Словенија изнесува околу 1.600 метри. По должина на целата сообраќајница ќе биде поставено најсовремено ЛЕД булеварско осветлување, пешачки и велосипедски патеки од двете страни на коловозот. Проектот предвидува и изградба на 2 моста на реката Серава која тече под оваа сообраќајница.
Како што кажа Шилегов до крајот на крајот на мај ќе биде готово проширувањето на булеварот Никола Карев од касарната „Илинден“ до Момин поток.
А. АНТЕВСКА