КАКВА И ДА БИДЕ ОДЛУКАТА НА УНЕСКО ЌЕ ЈА ПОЧИТУВАМЕ, РЕЧЕ ЗАЕВ ВО ОХРИД

    КАКВА И ДА БИДЕ ОДЛУКАТА НА УНЕСКО ЌЕ ЈА ПОЧИТУВАМЕ, РЕЧЕ ЗАЕВ ВО ОХРИДСветот не треба да води грижа за Охрид, ред е ние да водиме грижа и верувам дека ќе успееме, рече премиерот Зоран Заев. (Фото: Принтскрин од видео)

    „Каква и да биде одлуката на УНЕСКО ние ќе ја почитуваме. Доколку нè стават на Листата на светско наследство во опасност ќе биде аларм за нас, ако ни дадат дополнителен рок ќе почитуваме. Светот не треба да води грижа за Охрид, ред е ние да водиме грижа и верувам дека ќе успееме“, рече денеска во Охрид премиерот Зоран Заев кој заедно со градоначалникот Константин Георгиески направи увид на неколку завршени проекти.

    Комитетот за светско наследство на УНЕСКО вчера го одложи гласањето за тоа дали Охридскиот Регион треба да се стави на Листата на светско наследство во опасност, затоа што за оваа одлука немаше консензус меѓу делегациите што учествуваат на на 44-та седница на Комитетот во Фужоу, Кина. Делегацијата на Босна и Херцеговина поднесе амандмани на Предлог-одлуката, според кои се бара на Македонија и Албанија да им се даде уште 2 години за да постапат по препораките од УНЕСКО, па потоа да се одлучува дали Охридскиот Регион ќе биде ставен на Листата на светско наследство во опасност. На ова реагираше делегацијата на Норвешка, па гласањето беше прекинато.

    Претседавачот со Комитетот на УНЕСКО, одлучи Комисијата за светско наследство заедно со претставниците на Норвешка, Босна и Херцеговина, Бахреин и Русија на посебна средба да ги надминат несогласувањата за амандманите, но нема рок кога би требало да се одлучува за Охридскиот Регион.

    Заев вели дека имало најави оти  Охридскиот Регион ќе биде ставен на листата во опасност, но постигнатите резултати ја смениле сликата. Денешната одлука, според него, ја носат експерти, а не политичари. Рече дека е задоволен од она што го презентирале на седницата во Кина. Тоа било мотивација и за државната власт и за локалната власт да продолжат со имплементација на препораките..

    „Тоа што е уништено со децении наназад, па и од ставање на заштитата на Охрид и во тие 11 години владеење на ВМРО-ДПМНЕ, сега е мал периодот да се врати се во нормала. Одлуката дека Охрид ќе биде ставен на листата во опасност ни беше најавена. Но благодарение на градоначалникот, на Општинскиот совет и општинската администрација, со сите аргументи кои беа претставени од Општината, од Министерството за култура, од кабинетот на Владата, навистина се менува сликата токму поради резултатите кои досега се постигнати, пред сè мислам на изградбата на колекторскиот систем целиот дел на ставање на режим на Планот за управување со Охрид, чистењето на плажите. Охрид е нашето наследство, природно богатство кое што мораме да го чуваме и благодарение на тие резултати го свртевме вниманието на сите експерти кои дискутираат на Заседанието на УНЕСКО“, рече Заев.

    Според Заев, Охрид мора да продолжи да се развива но според генералните, деталните и Планот за управување со Охридскиот Регион.

    „Главна цел е да не се повтори тоа што Охрид и целиот заштитен регион се доведени до ваква состојба. Охридското Езеро како најстаро треба да го чуваме такво какво што природата и господ ни го подариле. Верувам дека ќе успееме во тоа и притоа да се развиваме. Токму поради неговата посебност и специфика да биде атракција за туристите“, рече Заев.

    Според градоначалникот Георгиески, ако се случи Охрид да биде ставен на листата во опасност ќе значи поголем ангажман во отстранување на забелешките. Ако се добие дополнителен рок од 2 години, ќе се работи поодговорно и порешително во имплементирање на препораките на УНЕСКО.

    „Доколку нè стават на листата на опасност, тоа ќе е само отсликување на состојбите кои ги имаме во нашиот регион, кои се резултат на 30 години негрижа и лошо менаџирање. Невозможно е во рок од 2 години тие состојби да ги измениме, но значително се поместени работите“, рече Георгиески.

    Георгиески најави дека Општината продолжува со усогласување на деталните урбанистички планови и неселективно отстранување на бесправно поставените објекти.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира