КАРПА ПАДНА НА ПРУГАТА КОН БИТОЛА, ЖЕЛЕЗНИЧКИОТ СООБРАЌАЈ ВО ПРЕКИН

    КАРПА ПАДНА НА ПРУГАТА КОН БИТОЛА, ЖЕЛЕЗНИЧКИОТ СООБРАЌАЈ ВО ПРЕКИНСе очекува пругата да биде расчистена за два дена (Фото: СДК.МК)

    Железничкиот сообраќај од Велес кон Битола е во застој откако на пругата паднала карпа. Тоа се случило меѓу железничките станици Мартолци и Стари Град вчеравечер околу 22 часот. Во тоа време на критичното место требало да помине патничкиот воз за Битола, но машиновозачот бил навреме известен и сопрел порано. Од Македонски железници АД Транспорт и ЈП МЖ Инфраструктура ја потврдија веста.

    „Екипи на стручните служби од ЈП за железничка инфраструктура Железници на РС Македонија се излезени и работат на терен. Очекуваме за два дена пругата да биде расчистена и сообраќајот од Скопје до Битола да биде нормализиран“, информираа од МК Инфраструктура.

    Поради новонастаната состојба, железничкиот сообраќај од Велес кон Битола е во прекин.

    „Патничките возови од Скопје за Битола ќе сообраќаат до Велес и обратно, освен утринскиот кој од Скопје тргнува во 6:54 часот. Поради тоа, патничкиот воз за Гевгелија кој тргнува од Скопје во 6:23 часот ќе поаѓа 30 минути подоцна за да го покрие утринскиот воз кој од Скопје поаѓаше за Битола, а ќе сообраќа до Велес“, информираше Беким Лачи, портпарол на МЖ Транспорт.

    На истото место во ноември 2015 се случи одрон на карпа и имаше едномесечен застој на железничкиот сообраќај кон Битола.

    П. ПЕЧКОВ

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари