КАРПОШОВА ПЛАТФОРМА ПРЕД ЛОКАЛНИТЕ ИЗБОРИ ЗА ЗАШТИТА НА ПАРКОВИТЕ ОД ГРАДБА КАКО УСЛОВ ЗА ПОДДРШКА НА КАНДИДАТИТЕ ЗА ГРАДОНАЧАЛНИК НА ОПШТИНА КАРПОШ

    КАРПОШОВА ПЛАТФОРМА ПРЕД ЛОКАЛНИТЕ ИЗБОРИ ЗА ЗАШТИТА НА ПАРКОВИТЕ ОД ГРАДБА КАКО УСЛОВ ЗА ПОДДРШКА НА КАНДИДАТИТЕ ЗА ГРАДОНАЧАЛНИК НА ОПШТИНА КАРПОШГраѓанската иницијатива „Ние сме Карпош 4“ од кандидатите за градоначалник бараат зелени површини, забрана за идни градби, ревидирање на ДУП како и решавање на проблемот со загадувањето –Лани во јуни жителите на Карпош 4 ја блокираа раскрсницата кај ТЦ „Сити мол“, за да го искажат револтот од бетонизацијата на парковите (Фото:СДК.МК)

    Платформа со триесетина барања со кои Карпош ќе биде подобро место за живеење, упати граѓанската иницијатива „Ние сме Карпош 4“ до сите кандидати на градоначалник на претстојните локални избори. Барањата веќе се доставени до актуелниот градоначалник Стевчо Јакимовски, кандидатот за градоначалник од СДСМ Стефан Богоев, а ќе бидат адресирани и до сите останати кандидати.

    Откако минатата недела граѓанската иницијатива „Во одбрана на Дебар Маало“ достави платформа со 40 барања до сите кандидати за градоначалници на Општина Центар и Град Скопје, со свои барања, објавени на нивната официјална веб страна, излегоа и жителите на Карпош 4. Тие, организирани во неформална група, веќе две години водат борба со Општина Капрош за заштита на зеленилото во населбата, односно стопирање на градба на нови станбени објекти кои треба да никнат во парковите.

    „Ние сме Карпош 4“ бараат да се ревидираат сите започнати градби и детални урбанистички планови донесени последните осум години. Стопирање на сите одобренија за градба кои не се правосилни и забрана за нови градби освен ако не станува збор за објекти од јавен интерес како градинки и училишта. Забрана за пренамена на зелените површина во била каква друга намена, како и да престане издавањето на училишните сали и дворови за комерцијални цели.

    Да се ревитализира спортската сала „Партизан“, да се преземат итни мерки за справување со загадувањето на воздухот, ревизија и трансапретност во работењето на општината. Жителите на Карпош 4 сметаат дека е потребно поголемо присуство на сообраќајната полиција и решавање на паркирањето околу ТЦ „Сити мол“.

    „Сакаме здрава животна средина за нас и за нашите деца. Освен права имаме должност да ја зачуваме животната средина и да реагираме кога тоа право е загрозено. Нашите барања ги доставуваме до сите кои ќе учествуваат на локалните избори. Нас ни се потребни одговорни и чесни луѓе способни да ја направат општината пристојно место за живеење„ се вели во платформата на граѓанската иницијатива „Ние сме Карпош 4“.

    А. АНТЕВСКА

     

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари