КАСАМИ ОТСТРАНИ ВЕЛОСИПЕДСКА ПАТЕКА ВО ТЕТОВО НА БАРАЊЕ НА СУДОТ

    КАСАМИ ОТСТРАНИ ВЕЛОСИПЕДСКА ПАТЕКА ВО ТЕТОВО НА БАРАЊЕ НА СУДОТОд општината велат дека отстранувањето на велосипедските патеки е дел од 100-дневниот план на новиот градоначалник. (Фото: Фејсбук)

    Градоначалникот на Општина Тетово Билал Касами својата агенда за активности што ќе ги направи во првите 100 денови, ја започна со рушење на велосипедската патека која се наоѓа на двете страни од булеварот „Илинденска“. Тој вели дека само спроведува судска одлука бидејќи велосипедската патека, направена од претходната локална власт, била направена без согласност на СВР Тетово и како таква го загрозувала сообраќајот на овој булевар.

    „Тука сме за да реализираме едно судско решение, со кое на барање од судот се покренува постапка за противзаконско поставување на оваа патека. Судот бара да се тргнат овие пречки и овој булевар да се врати во првобитната состојба. Судот веќе имал постапка против Општината и против поранешната градоначалничка и тие постапки ќе одат и понатаму. Значи постапуваме по барање на полицијата и одлука на судот бидејќи овој проект е направен спротивно на законот“, изјави градоначалникот Билал Касами.

    Од тетовската полиција велат дека тие поднеле барање за покренување прекршочна постапка против правно и одговорно лице, бидејќи не било соодветно постапено по нивните предупредувања.

    „Секторот за внатрешни работи Тетово, во два наврати годинава, испрати соодветни писмени предупредувања законски да се регулира обликувањето на новата велосипедска патека во Тетово.И откако адекватно не е постапено по двете предупредувања, СВР Тетово во април поднесе барање за покренување прекршочна постапка против правно и одговорно лице“, велат од полицијата.

    Оваа велосипедска патека на булевар Илинденска беше изградена пред неколку месеци. Бидејќи на почетокот беше лошо проектирана, поминуваше преку бетонски и други препреки, Општината често пати беше предмет на потсмев на социјалните мрежи сè додека не беа отстранети пречките. Тогашната општинска власт никогаш не соопшти колку чинеше изградбата на оваа велосипедска патека долга околу 2 километри, но според некои неофицијални информации таа чинела околу 50.000 евра.

    На барање на новинарите, Касами уште еднаш зборуваше за одлуката за раскинување на договорите за дело на над 350 времено вработени во Општина Тетово.

    „Се работи за една од злоупотребите на претходната власт, а тоа се, во поголемиот дел, фиктивните договори за дело. Даден е налог да се прекинат сите договори за дело. Овие лица што биле вака ангажирани се информирани да достава извештај што имаат направено согласно договорот. Кога сé ова ќе се комплетира како информација и ако се констатираат злоупотреби тогаш ќе се информираат соодветните органи за да се постапува понатаму поради оштета на јавниот интерес. Јас им дадов налог на сите сектори да ме информираат за сите лица кои биле реално ангажирани и вршеле обврски во секторот. Потоа ќе направиме проценка за тоа кои лица ќе бидат неопходни за натамошно непречено функционирање на Општината“, рече Билали.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира