Градоначалникот на Тетово, Билал Касами, сака од утре да им забрани влез во градот на превозниците. Тие ќе треба патниците да ги донесат до предградието, односно кај Штуловиот универзитет, или до автобуската станица, а оттаму да го користат јавниот градски превоз. Целта е, како што вели, да се растовари сообраќајот во градот од големиот број комбиња што превезуваат патници.
„Со одлука на Советот на Општина Тетово, сите превозници кои вршат превоз на патници од други општини и приградски населени места ќе немаат право да влезат во градскиот дел. Општинскиот инспекторат врши и ќе врши контроли, па ги информирам сите превозници дека ќе бидеме принудени и да запленуваме возила. Значи, сите што ќе влезат во градското подрачје без дозвола за движење во тој дел ќе бидат спречени. Транспорт на патници во градот ќе може да врши само Јавното градско транспортно претпријатие. Со дозвола ќе може да се врши наменски превоз, како разни стоки или работници, но не и превоз на патници“, изјави Касами.
Оваа одлука е донесена на 9. седница на Советот, пред тој да се распушти, а стапува на сила на 1 јули. Касами вели дека мерката е направена во соработка со СВР Тетово, но од тетовската полиција го демантираат ова.
„Во врска со најавената забрана за влез на превозни возила во Тетово, Секторот за внатрешни работи Тетово категорично демантира дека за ваквата забрана е остварена координација со надлежните служби од Одделението за полиција, односно со инспекторите по сообраќај. СВР Тетово нагласува и дека до овие служби не е доставено никакво писмено барање, ниту известување за најавената забрана. На секоја измена на сообраќајниот режим треба да претходат ревидиран стручен проект и согласност од Министерството за внатрешни работи, а не да се преземаат чекори на своја рака и надвор од законски предвидената процедура. Доколку службите на СВР Тетово констатираат законски неправилности, адекватно ќе реагираат и ќе изготват пријави против сите кои ќе ја прекршат законската регулатива, без разлика дали станува збор за институции, правни или физички лица“, се вели во соопштението на СВР Тетово.
Касами вели дека не е информиран за соопштението на полицијата.
„Ние имаме одлука на Советот на Град Тетово и таа треба да се почитува. Не ни е кажано дека има некоја пречка од полицијата. Ние сме во секојдневна координација со полицијата и ако има потреба од какво било барање, ние ќе се координираме“, вели Касами.
Сопствениците на возилата кои вршат локален превоз на патници се револтирани од ваквата одлука. Тие велат дека тоа многу ќе се одрази на нивната работа, бидејќи патниците кои доаѓаат од други населени места ќе мора да плаќаат двојни сметки.
Според некои проценки на општината, во ваков превоз се вклучени 250 до 300 возила, од кои само мал дел имаат лиценца.
З. АНДОНОВ