И КАВАДАРЦИ САКА ДА ОДИ НА РЕФЕРЕНДУМ ЗА РУДНИЦИТЕ НА КОЖУФ

    И КАВАДАРЦИ САКА ДА ОДИ НА РЕФЕРЕНДУМ ЗА РУДНИЦИТЕ НА КОЖУФБерба на боровинки во срцето на Кожуф - претседателот на месната заедница Горна Бошава Дарко Најдов кој вели дела рудник за злато е недопрената природа која нуди можности за рурален туризам (Фото: СДК.МК)

    И граѓаните на Кавадарци сакаат како Гевгеличани да се изјаснат на референдум дали сакаат рудници во планината Кожуф. Тие предупредуваат дека не смее да се запостави  фактот дека  70 до 80 отсто од територијата на планинската оаза на Кожуф планина припаѓа на Општина Кавадарци а за рудникот на злато не треба да  одлучуваат само граѓаните на Гевгелија, туку и жителите на неколку општини од Тиквешијата кои и пијат и вода од под Кожуф.

    Според информациите кои ги имаат тиквешани, досега е дадена само концесија за детални геолошки истражувања на кавадаречка територија.

    „Висококонтанимираниот воздух со прашина од арсен, талиум и сулфурни киселини не познава општински граници. Нели одиме и тежнееме кон квалитетен рурален туризам а како со загаден воздух и почва ќе носиме туристи во нашите сегашни прекрасни села. Залудно ли се прави  пензионерски дом во поткожуфското село Чемерско и се градат рибници. Предлагаме да не се овозможи давање на концесија за експлоатација бидејќи нас злато ни се шумите, лековитите билки и овошја – најчистите и најздравите боровинки,  малини, капини, чистата и од човек недопрена планинска кожуфска вода, безбројниот растителен и животински свет кој го има во изобилство. На само околу еден  час од Кавадарци до  селата во Бошавската Област, се доаѓа до беспрекорна природа“ реагираат жителите од десетина поткожуфски села.

    Претседателот на месната заедница Горна Бошава Дарко Најдов вели дека жителите не смеат да се откажат од целта да развиваат рурален туризам базиран врз чисти, здрави и незагадени селски атари.  Тој потсетува дека веќе се ангажираат околу правење на сместувачки капацитети и Ооганизираат  посета на манастири, стари историски локалитети, планинарење, еко туризам, планински велосипедизам.

    Градоначалникот на Кавадарци  Александар Панов вели дека засега има само испитувања за потенцијалот за евентуално отворање на рудник во месноста Гладница на кавадаречка територија.

    „Како општина се имаме изјаснето дека сме против било какви ископи, интервенции и сечење на шума во заштитената зона околу регионалниот водовод Лукар. Во тек ни е изработка и на елаборат за проширување на таа заштитена зона. Нема да дозволиме никакви минирања или било какви нарушувања на природата. Ако е потребно, референдумски ќе се изјасниме како Гевгелија“, вели  градоначалникот Панов.

    С. ДАРУДОВА

     

     

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира