КАЗНА ОД 20 ИЛЈАДИ ЕВРА ЗА ОРАНЖЕРИИ „ВАРДАР“ ОД ГРАДСКО ЗА ИЗЛЕАН МАЗУТ ВО РЕКАТА

    КАЗНА ОД 20 ИЛЈАДИ ЕВРА ЗА ОРАНЖЕРИИ „ВАРДАР“ ОД ГРАДСКО ЗА ИЗЛЕАН МАЗУТ ВО РЕКАТАЗемјоделците се лути за еко-инцидентот кој не се помни во централниот дел на течението на Вардар. (Фото: СДК.МК)

    Откако минатата седмица неколку дена во реката Вардар течел излеан мазут, граѓаните од населбата Долно Градско реагирале до надлежниот Државен инспекторат за животна средина (ДИЖС). Земјоделците се лути за еко-инцидентот кој не се помни во централниот дел на течението на Вардар.

    „Земјоделците од реката ги наводнуваат нивите, површините, а истовремено со вода која е загадена ги загадуваме и културите, родот. Мошне лошо минавме, последиците ќе се почувствуваат подоцна“, вели земјоделец од Градско, кој има површини после истекот на мазутот во Вардар.

    По реакциите на земјоделците, инспекција од ДИЖС била на терен. За правното лице изречена е казна од 20.000 евра во денарска противвредност за загадување на површински води, согласно Законот за води, а потсетуваат дека кога се казнува правното лице, парична казна плаќа и одговорното лице.

    „По пријава од граѓани за излеана темна дамка во реката Вардар кај Градско, државен инспектор за животна средина темелно ги истражи можните извори и утврди дека излевањето потекнува од оранжериите ‘Вардар’ АД од Градско. Според информациите, мазутот не се користел и истекувањето се случило од небрежност и неодржување на складиштето со преостанатите резерви“, соопшти ДИЖС.

    Инспекторатот наредил и чистење на остатоците од излевањето во кругот на оранжериите, како и склучување договор со компанија лиценцирана за транспорт и отстранување на опасен отпад.

    „Наредниот ден е извршен и дополнителен контролен надзор при кој е утврдено дека правното лице има постапено по наредбата“, велат од ДИЖС.

    Потенцираат до сите потенцијални загадувачи дека Инспекторатот повеќе не дава опомени, туку преминува директно на санкции.

    П. ПЕЧКОВ

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира