Казна од 300 евра му била изречена на жител од Ресенско кој учествувал во протестите против сечата на шумата кај преспанското село Љубојно. Тој е казнет затоа што со товарно возило истурил земја и го блокирал патот за да не можат да минуваат камионите кои ги носат исечените дрва.
„На две места од патот истури земја и со тоа се направи блокада. Некој го сликал и фотографијата ја пратил кај надлежните. Му беше изречена парична казна од 600 евра, но затоа што ја плати навремено, му зедоа 300 евра. Сите ние солидарно ги собравме парите за да ја плати казната“, изјавија за САКАМДАКАЖАМ.МК жители од Љубојно кои веќе шести ден протестираат за да ја спречат сечата на шумата и велат дека нема да запрат.
САКАМДАКАЖАМ.МК испрати прашања во СВР Битола за што бил казнет ресенчанецот и до објавувањето на текстот одговор не добивме.
Жителите на Љубојно се жалат дека на селото му се заканува еколошка и инфраструктурна катастрофа поради голема сеча на дрвја од шумата.
„Се сече на нула, гола сеча, како фудбалско игралиште се прави шумата. Шумското претпријатие дало концесија на некоја фирма и сечат по 30 кубици, односно 4-5 големи камиони товарени со дрва секој ден. Ова место е од јужната страна на Љубојно, стрмен терен и таму е пошумено во 1950-тите кога имаше поплави и никој дрвце не пресече. Сега се даде концесија и сечат сѐ“, изјави Александар Лембовски на протестот на 12 август.
Жителите велат дека сечата може да го загрози и опстанокот на селото.
„Тоа е катастрофа за селото бидејќи водата при поголем дожд ќе се слива во Љубојно. Патот, кој е селски, не е јавен, туку селаните го направиле само за манастирите и сега камиони со по 30 кубика дрва го оштетуваат. Резерварот за вода е подолу и при поголем дожд ќе се контаминира водата“, додава Лембовски.
Откако почнаа протестите на 12 август, запрена е сечата на шумата. Но, од Владата одговорија дека се работи за регуларна сеча на нискостеблест даб во одделите 29 и 30 во шумско-стопанската единица Пелистер Брајчино.
„Испочитувани се законската процедура и контролите со кои се гарантира дека шумата природно ќе се обнови. Направен е премер од стручни лица, после кој е направен посебен план, рецензиран од стручна комисија и одобрен од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство“, велат од Владата.
Додаваат дека за сечата е ангажирана професионална лиценцирана фирма избрана на јавен тендер, а работите ги извршува под стручен надзор на „Национални шуми“. Дрвата се наменети за снабдување на локалното население со огревно дрво.
Ж.ЗДРАВКОВСКА