„Ја преземам функцијата со околу 1.200 предмети кои бараат и време и стручен кадар од судии за нивно ажурирање. Граѓаните сакаат нивните предмети да им бидат завршени што побрзо, па затоа овој постулат со ажурирањето, исто како и решавањето на проблемот со недостиг на кадар ќе ми бидат приоритет во моето наредно работење“, вели судијата Тони Делев, кој денеска го имаше првиот работен ден на функцијата претседател на Апелациониот суд во Штип, откако во петокот беше избран и даде заклетва пред Републичкиот судски совет.
Според Делев, овој суд заедно со него има вкупно четворица судии за кривичните и двајца судии за граѓанските предмети. Од нова година, со заминување на уште еден судија во старосна пензија, судот ќе остане со само еден граѓански судија. Постојните судии сега остваруваат двојна норма од формално пропишаната, односно ако еден судија кривичар има норма од 15 до 17 предмети месечно тие решаваат најмалку по 30 предмети.
„Оптималните потреби се најмалку 13 судии, но добро ќе биде ако се оствари најавата на Републичкиот судски совет дека до крајот на годината ќе заврши постапката по распишаниот оглас за избор на еден судија кривичар и еден граѓански судија. Наредната година се очекува завршување на постапката и по вториот оглас за избор на уште двајца нови судии“, вели Делев.
Тој досега беше судија по кривични предмети во истиот суд и шест години патува на релацијата Струмица-Штип-Струмица каде што живее со своето семејство, сопругата и двете ќерки. Вели дека секојдевното патување на оваа релација нема многу да го погоди затоа што веќе се навикнал на таков работен ден за цело време откако е судија.
Денеска се изврши и официјалното примопредавање на функцијата од досегашниот претседател на Апелација, Кирче Донев, кој замина во пензија.
Т. ЈОВАНОВСКИ