ЌЕ БИДЕ МНОГУ УБАВО ДА ГО ВИДИМЕ АЛИ АХМЕТИ ВО ОПОЗИЦИЈА, ВЕЛИ МЕНДУХ ТАЧИ

    ЌЕ БИДЕ МНОГУ УБАВО ДА ГО ВИДИМЕ АЛИ АХМЕТИ ВО ОПОЗИЦИЈА, ВЕЛИ МЕНДУХ ТАЧИМендух Тачи рече дека Ахмети неточно ја прененел идејата на ДПА за премиер Албанец од кампањата во 2014 кога ДПА имала ваква идеја. (Фото: СДК.МК)

    Лидерот на ДПА Мендух Тачи денеска на прес-конференција остро ја критикуваше идејата на лидерот на ДУИ Али Ахмети за премиер Албанец на Македонија. За Ахмети кажа и дека е стеран во мртов агол и ќе биде убаво да го видиме како ќе се снајде во опозиција.

    „Граѓаните одлучуваат кој ќе биде премиер, а премиер ќе биде тој што ќе победи на изборите, а Албанците можат да освојат најмногу до дваесетина пратеници. Затоа, ова што го зборува Али Ахмети е тешка манипулација со луѓето и со емоциите на Албанците оти нешто тој ќе направи. Тие се стерани во мртов агол и ќе биде многу убаво да ги видиме како ќе се снаоѓаат во улога на опозиција“, изјави Тачи.

    Што се однесува до датумот за одржување на изборите, Тачи е на став дека тие не може вечно да се пролонгираат и дека треба да се одржат на 5 јули.

    „ДПА е на став дека 5 јули е датумот на кој треба да одиме на избори. Не може вака понатаму да одиме. Ова сега е Влада во која политичките партии се повеќе грижат за нивниот рејтинг отколку за сериозноста на ситуацијата. Сѐ околу нас, па и кај нас, укажува дека ваквата состојба со КОВИД-19 нема да трае две недели или уште два месеца, ќе трае подолго и ние не треба да бидеме во ситуација да чекаме со месеци за да се поправи состојбата па да одиме на избори“, додаде Мендух Тачи. .

    З. АНДОНОВ

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира