ЌЕ БИДЕМЕ ВО СОБРАНИЕ ЗА ЗАКОНОТ ЗА ЈАЗИЦИ, ВЛАСТА ДА НЕ ГО НАРУШУВА ИМИЏОТ НА МАКЕДОНИЈА, ВЕЛИ МИЦКОСКИ

    ЌЕ БИДЕМЕ ВО СОБРАНИЕ ЗА ЗАКОНОТ ЗА ЈАЗИЦИ, ВЛАСТА ДА НЕ ГО НАРУШУВА ИМИЏОТ НА МАКЕДОНИЈА, ВЕЛИ МИЦКОСКИЛидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски беше во посета на ОК на ВМРО-ДПМНЕ Струмица од каде ги започна средбите со членството од внатрешноста во Македонија. (Фото: СДК.МК)

    Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ утре ќе се појават во пратеничките клупи на закажаната собраниска седница за расправа за Законот за употреба на јазиците. Ова го најави лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, но не прецизираше како ќе дејствуваат доколку нема амандманска расправа, бидејќи како партија имаат поднесено 35 илјади амандмани. Мицкоски повика на почитување на Деловникот на Собранието оти во спротивно сето останато може да предизвика реперкусии.

    „Повикувам на почитување на деловникот, законите, бидејќи ова не смее да се дозволи, лошо ќе влијае за имиџот на Република Македонија и пред меѓународната заедница и пред домашната јавност. За последен пат повикувам на разум да се избегне едно девијантно однесување во парламентот, насилно усвојување на овој закон и повикувам на почитување на деловникот и разгледување на амандманите и отворање на амандманска расправа што ВМРО-ДПМНЕ ја очекува утре. Сето останато ќе предизвика реперкусии и за тој што ќе се одлучи да ги прекрши законите и сите оние што ќе го поддржат во таа постапка“, рече Мицкоски, кој беше во посета на ОК на ВМРО-ДПМНЕ Струмица од каде ги започне средбите со членството од внатрешноста во Македонија.

    Запрашан како ќе дејствуваат на утрешната седница, која веќе е закажана од спикерот Талат Џафери кој на утринската координација не ја исклучил можноста да ги отфрли амандманите, Мицковски кусо одговори „Нашите пратеници ќе присуствуваат на таа седница, но за понатамошните чекори ќе бидете благовремено информирани“.

    Седницата за Законот за употреба на јазици требаше да се одржи минатата недела, но поради немање договор меѓу владејачките партии дали да се отвори расправа по амандманите поднесени од ВМРО-ДПМНЕ обидот за собраниска седница пропадна.

    В. ТРАЈКОВ

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари